За една недела регистрирани близу 5.000 прекршоци преку камерите на „Безбеден град“
Системот „Безбеден град“ за една недела регистрирал вкупно 4.991 прекршок на подрачјата на Скопје, Куманово и Тетово, како и на коридорите каде што се поставени камерите.
Од тоа 641 прекршок е направен од страна на возачи кои управувале возило со странски регистарски ознаки.
„Од вкупниот број на регистрирани прекршоци најголемиот број се за управување на возило со брзина поголема од дозволената 4.674, потоа за минување на затворен сигнал- црвено светло) 163, а за управување со возило со измината важност на сообраќајната дозвола констатирани се 154 прекршоци“, соопшти МВР.
Исто така, изречени се вкупно 288 мерки „забрана за управување со возило“, од кои 163 се за „минување на црвено светло“, а 125 се за „брзо возење“.
„Во рамки на предвиденото дозволено отстапување во брзината на движење толерирани се 22.434 возила. Апелираме до сите учесници во сообраќајот да се почитуваат сообраќајните правила и прописи и сите заедно да придонесеме за посигурни и побезбедни патишта“, додава МВР.