За мене успехот не е дестинација, туку патување, вели авторот на книгата „На своја кожа, продолжи со насмевка“
Во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“, синоќа пред кумановската публика беше промовирана книгата „На своја кожа, продолжи со насмевка“ од Мирослав Драганов.

Насловот на книгата е симболичен, со цел да се укаже дека не треба да се остане само со насмевката од детството, туку дека треба „да се продолжи со насмевката“ низ текот на целиот живот.
Книгата е напишана на креативен, иновативен и интересен начин: авторското жанровско поигрување со автобиографијата и мотивацискиот дел, всушност ја прави поинтерактивна и попристапна за читателите.
„Инспирацијата за пишување на оваа книга лежи во моето животно патешествие, кое ме доведува до тоа да бидам правник кој се бори за правдата и гласноговорник кој сака тоа да го пренесе и да биде слушнат. За да се справиш со неправдата мора да пробиеш пат кој не е истапкан до сега, зашто најчесто истапканите патишта нема ништо ново да те научат и да ти влеат надеж за борба. Не треба да се водиш според тоа, како општеството сака да изгледаш, туку според тоа каков сакаш да си ти самиот. За мене успехот не е дестинација, туку патување, - вели Мирослав Драганов за Кумановоњус.
Понекогаш, работите не доаѓаат во мигот кога ние ги посакуваме, туку кога ни се најпотребни; Правете го она што го сакате и воедно, водете се исклучиво од внатрепшниот мир,- се само дел од пораките кои ги носи оваа книга.
Драганов, како што и самиот вели, како светски патник, кој постојано гледа различости, на кумановците им препорача да си ги сакаат различностите и тоа да им биде меѓусебен поттик за личен развој и самосвест. И да го искористат нивниот пример за да мотивираат и други луѓе околу нив.
Книгата на Мирослав Драганов е во издание на издавачка куќа „Матица“, а ова е негова шеста промоција на книгата.
(Фросина Марковска)