За неполни два месеци 92 пожари во Кумановско
Територијалната против пожарна единица (ТПЕК) Куманово, од почетокот на годината има полни раце работа, бидејќи само во фебруари се изгаснати 59 пожари.

Тоа е екстремно висока бројка, со оглед на тоа што се работи за зимски период.
Пожарникарите велат дека најголем предизвикувач на пожарите е човекот, и постојано апелираат за поголема внимателност на граѓаните.
„Не паметам ваков почеток на годината, имаме премногу интервенции за неполни два месеци. Фебруари не е завршен, има уште 4 дена па и бројката не е конечна. По правило, човечкиот фактор е најзастапен како предизвикувач. Повторно апелираме за поголема внимателност при движење во ненаселени места, да не се фрлаат догорчиња и отпушоци, да не се пали оган на отворено и да се алармира до нашата служба, секогаш кога граѓаните ќе забележат и најмал чад или пожар“, истакна командирот Деан Илиевски.
Во јануари пожарникарите бележат 33 интервенции, а со зголемувањето на денот и речиси пролетните температури таа бројка евидентно е зголемена. Улога имаат и временските услови, релативно сувата вегетација поради малиот број на врнежи во зимскиот период.
На територијата на Македонија се забележани 507 пожари на отворено, а слична е и ситуацијата во поширокиот регион.
Предизвикување на пожар е кривично дело за кое е предвидена затворска казна до 8 години согласно член 227 од Кривичниот законик, зависно од видот на пожарот, причините за неговото настанување и другите околности и последици.
Противпожарната единица Куманово ја покрива и Општина Липково, а по потреба помага и во општината Старо Нагоричане, која има своја противпожарна служба.