Заев и Мицкоски во самоизолација, биле во контакт со заразен новинар
Лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ ќе бидат 14 дена во самоизолација, откако имале контакт со новинар позитивен на коронавирус, кажа на вонредна прес-конференција министерот за здравство Венко Филипче.

- Лидерите на двете најголеми политички партии во нашата земја, Зоран Заев и Христијан Мицкоски од денеска се во задолжителна домашна изолација, по информацијата која ја доби Министерството за здравство дека еден новинар од телевизиски медиум е позитивен на Ковид-19 вирусот. Тој новинар во текот на минатата недела имаше ТВ интервјуа со лидерите на ВМРО ДПМНЕ и СДСМ, и Мицкоски и Заев се тестирани на коронавирусот, - изјави Филипче.
Резултатот на Мицкоски, кој бил изработен доцна синоќа е негативен и тој ќе биде во задолжителна самоизолација до истекот на 14 дена од последниот контакт со заболениот.
Резултатот на Заев, ќе биде готов во текот на денешниот ден, бидејќи синоќа заминал за Струмица, но и тој веднаш по добивање на информациите бил ставен во домашна изолација.
- Би сакал да ве информирам дека во текот на минатата недела имав ТВ интервју со новинар, за кој неодамна се утврди дека е позитивен на КОВИД-19. Иако во текот на интервјуто ги преземавме сите заштитни мерки како избегнување контакт и одржување дистанца, согласно сите протоколи, од денеска сум во самоизолација во мојот дом во Струмица. Немам симптоми, денеска се тестирав за присуство на вирусот и резултатите ги очекуваме во текот на денот - по што ќе се утврдат следните чекори, - напиша Заев на Фејсбук.
Новинарот е во стабилна здравствена состојба и во моментов е на лекување во болницата „8 Септември“. Во текот на утрото и денот ќе се направат епидемиолошки анкети со неговите контаки за да се утврди точниот наод и бројка на лицата, кои евентуално би оделе во самоизолација.