Заев негативен на коронавирус
Лидерот на СДСМ Зоран Заев е негативен на КОВИД-19, соопштија од Министерството за здравство.

Заев е тестиран бидејќи на 2 април имаше интервју со новинарот и главниот уредник на Канал 5 телевизија Гоце Михајлоски, кој е позитивен на КОВИД-19.
Вчера бил тестиран и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, кој е негативен на тестот.
„Дозволете да дадам коментар во однос на реакциите коишто ги имаше во јавноста, по медиумите, по мрежите во однос на брзината со којашто пристапивме кон тестирањето на лидерите на двете најголеми политички партии кај нас, Зоран Заев и Христијан Мицкоски. Тие се експонирани многу во јавноста, имаат интензивни контакти со многу луѓе, со претставници на институциите, претседателот Заев со министри во Владата. Сакам јасно да кажам дека тука не станува збор за политички приоритети, туку за заштита на државните интереси за зачувување на функционалноста на институциите, посебно во вакви моменти во криза. Тоа се луѓе коишто имаат интензивни контакти и комуникации и со претставници на медиумите коишто се еден од нашите најсериозни и најголеми партнери во оваа битка која ја водиме против коронавирусот и во таа смисла една од целите беше да се заштитат и претставниците на медиумите, но и вработените во институциите каде што и двајцата лидери често настапуваат, гостуваат и даваат интервјуа“, рече министерот Филипче.
И двајцата ќе останат во самоизолација 14 дена од денот на контактот со Михајлоски, значи уште 7 дена.