Жал ми е што се случи несреќата со Алмир, рече Бобан Илиќ пред судот
Бобан Илиќ, обвинет за убиството со умисла на четиригодишниот Алмир Алиу пред Здравствениот дом во Куманово, завчера во своја одбрана пред кривичниот совет рече дека жали и се кае што се случила несреќата, во која животот го загуби недолжно дете.

На главното рочиште во Основниот суд Куманово, Илиќ три часа го појаснуваше настанот, одговараше на прашања на одбраната, обвинителот и адвокатите и ги препознаваше учесниците во крвата пресметката која настана поради банална расправија за ред во амбуланта.
„Жал ми е за она што се случи. Немав намера некого да повредам, а најмалку дете. Многу ми е тешко што ме обвинуваат за убиство на мало дете. Сите знаат дека направив се да го избегнам инцидентот. Тоа што се случи беше од голем страв. Се извинувам на семејството. Се каам што воопшто се случи ваков настан“, рече Илиќ пред судиите.
Според Бобан, критичната вечер на 25 јуни минатата година, околу 22.30 часот тој ја одвел девојката во здравствениот дом да прими инјекција. Таму се скарале со Седат Алуи, затоа што пропуштил неколку луѓе преку ред, по што таткото на детето се заканил дека ќе го фрли низ прозор и го нападнал на скалите на зградата. Бобан го повикал братот бидејќи на неговата девојка и се слошило, а тогаш пред зградата ги нападнале десетина луѓе, кои почнале да им го кршат автомобилот. Исплашен од она што се случува Бобан седнал во возилото мерцедес и тргнал по улицата „Борис Кидрич“ кон раскрсницата. Свртел десно, но влетал во слепа улица со рампа и паркирани автомобили. Се вратил во рикверц и свртел нагло во лево, поради што изгубил контрола на возилото и намалената видливост од скршената шофершајбна на две места, а не на едно како што покажало вештачењето, удрил во ѕид. Напаѓачите ги стигнале, брат му го извадиле од кола и почнале да го тепаат, а него го удирале по главата, вратот и телото додека тој цврсто се држел за воланот. Продолжил да вози со отворени врати и успејале да им побегнат на напаѓачите, по што стигнале дома. Потоа заминале во полиција каде го пријавиле случајот и дознале дека има повредено дете.
Иако на почетокот на излагањето Бобан кажа дека во целост останува на изјавата што ја дал пред јавен обвинител, но во текот на испрашувањето се обидуваше да дообјасни или го менуваше исказот во однос на насоката на движење на автомобилот.
Адвокатите на семејството Алиу, цело време настојуваа да докажат дека Бобан го прегазил детето со умисла, бидејќи во првиот исказ пред јавниот обвинител два месеци по настанот, рекол дека бегајќи од толпата со автомобил ја поминал раскрсницата и продолжил право, а потоа се вратил назад по истата улица, додека сега тврдеше дека на раскрсницата свртел десно и се нашол во слепа улица.
„Од она што можеше денеска да се заклучи обвинетиот се обидуваше да избегне давање на вистински исказ и она што навистина се случило. Цело време беше конфузен и нејасен. Обвинетиот може да негира, може да лаже, а може и вистината да ја каже, но едно не може да избегне дека го направил делото умислено и свесно и треба да одговара за кривичното дело убиство на свиреп начин,“ изјави адвокатот на семејтвото Алиу, Асмир Алиспагиќ.
Бобан се пожали дека не се сеќава на сите детали во инцидентот со прецизност и точност, бидејќи бил премногу исплашен и гледал само да побегне и да спаси жива глава. Наредното рочиште е закажано во август кога ќе биде сослушан таткото и тројцата роднини на детето, кои се обвинети за насилство.