×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Занаетчиството да се заштити со закон затоа што во него е вткаена нашата култура и традиција, вели Борче Масевски сопственик на чевларска работилница

    21.07.2020 10:13 | KumanovoNews

    Старите занаети по кои некогаш било познато Куманово, денес исчезнуваат. Занаетчиските дуќани во градот можат да се избројат на една рака. Ерата на индустријализацијата и увозот на евтините производи ги загрозува и онака малкуте занаетчиски работилници кои успеале да опстанат во градот.

    Занаетчиството да се заштити со закон затоа што во него е вткаена нашата култура и традиција, вели Борче Масевски сопственик на чевларска работилница

    Иако најголем дел од младите не сакаат да го научат занаетот, бидејќи носи мала заработувачка, таков не е случајот со Борче и Александар Масевски, сопственици на чевларскиот дуќан „Мас Сјај“ во локалитетот Табакана. Работилницата пред повеќе од три децении, ја отворил нивниот татко познатиот чевлар Томислав Масевски, а синовите без размислување го продолжиле семејниот бизнис и тргнале по стапките на нивниот татко.

    Од неодама тие отворија продажен салон за рачна изработка на чевли, кој се наоѓа спроти гостилницата „Дома“.  Во новиот дуќан го сретнавме Борче. Тој не` пречека со насмевка на лицето, или како што вели, онака како што го научил неговиот татко - со широко отворено срце. Младиот мајстор одблиску ни раскажа за неговата мајсторска „кариера“ која ја започнал многу рано, но и за почетоците кои за него претставувале вистинско доживување.  

    „Старите занаети исчезнуваат, младите не гледаат перспектива да ги работат. Занаетчиството треба да се заштити со закон затоа што во него е вткаена културата и традицијата на нашите предци. Јас со ова се занимавам уште од 16-годишна возраст. Откако завршив прва година средно образование, одев една смена во училиште, а другата во дуќанот, бев чирак на татко ми. Се сеќавам дека секогаш ми велеше дека јас школото кај него го имам завршено со петка. Моите први направени чевли беа детски и навистина беа доста смешни, на што и денес со задоволство се сеќавам на таа моја занесеност и радост кога ги видов. А откако во четврта година земав дозвола за возење, веднаш тргнав по набавка на материјали од другите градови. Во Скопје одев по кожа, а во Тетово по ѓонови. Кога некој би ми понудил исти пари за два часа работа на некое друго место и за дванаесет часа во мојата работнилница, јас би ја избрал изработката и поправката на чевли. Јас можам сѐ да работам, но никаде нема полесно чукче од моето“, раскажува Борче, кој низ насмевка вели дека сите коишто доаѓаат за првпат во дуќанот очекуваат тој да биде стар мајстор со брада и мустаќи.

    Младиот чевлар, вели дека со овој занает се занимава бидејќи го сака и затоа што сака да ја продолжи традицијата на неговото семејство, но како што раскажува, за разлика од порано кога со овој занает се хранеле семејства и се школувале деца, денес може да се извади само за парче леб.

    „Иако нашиот дуќан во Куманово е единствениот дуќан во државата, кој се занимава со замена на Планика ѓонови, врши поправка и изработка на чевли од природен материјал, чија изработка е 90 отсто рачна, сепак заработувачка има само како за лепче. Што друго јас да работам? Кога ќе научиш ваков занает, ти се бориш за него, затоа што работата со раце, без разлика дали денес се вреднува или не, си носи своја предност, а и занаетчиството е дејност која ти дава поинакво чувство, бидејќи ти со своите раце создаваш нешто. Инаку, што се однесува до трошоците ние како занаетчии не сме ослободени од никакви давачки кон државата, истите трошоци коишто ги има поголема фирма ги имаме и ние, иста фирмарина, исто сѐ иако немаме ни приближно ист приход “, вели мајсторот.

    Иако како што вели тој, навистина сака да гледа оптимистички кон иднината, сепак мисли дека ова занимање без помош од државата нема да опстане, бидејќи младите не го гледаат како исплатлива работа и затоа што во последно време се форсираат професии коишто не подразбираат физичка работа. Во поранешна Југославија, занаетчиите можеле да одат на работа и занаетчиството да го работат како втора дејност, а денес тоа е забрането.

    „Во времето на Југославија татко ми работел и во ЧИК, а и дополнително си го работел својот занает, но тоа не било забрането, како што е сега. Мислам дека ние веќе сме единствени во градот и сметам дека е потребна поголема поддршка од државата во повеќе аспекти, па дури и во промоцијата. Јас завршив 89-та, кога бевме две паралелки, а денес нема ниту една паралелка за чевларство, има за моделирање, но тоа воопшто не е занаетчиство. На пример, ние за разлика од некои кинески обувки, произведуваме квалитетни и удобни чевли од чиста кожа, кои и не се со некоја голема разлика во цената од останатите кои денес на големо се нудат, но сепак помладите решаваат да ги одберат нив, иако се свесни дека ќе ги носат месец-два, а не две-три години“, додава Борче.

    Единствената светла точка, во моментот му е новиот продажен салон којшто собрал „сили“ да го отвори не само во време кога занаетчиството умира, туку и во време на коронакризата. Салонот ќе биде наменет за сервис и продажба на нивните рачно изработени чевли, додека пак стариот дуќан ќе остане да работи и понатаму на старата локација.

    Куманово во минатото, како што раскажуваат малкуте останати занаетчии бил релативно сиромашен град кој опстојувал од земјоделство и занаетчиство, но бил град на слога и другарство каде се славело кога некој занаетчија ќе заработел повеќе пари, па сите заедно се собирале во неговиот дуќан за да прослават. Град во кој немало многу, но за секого имало по малку.

    (Фросина Марковска)