Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Од вчера започна Фестивалот за улична уметност „Графити фест“, кој по седми пат се одржува во Куманово.
Оваа година се цртаат мурали на Гимназијата „Гоце Делчев“, поточно ѕидовите на т.н. нов дел, кон улицата „Прва петолетка“. Организатор е Здружението за ликовна уметност „Форма“ од Куманово. Првите три дена- среда, четврток и петок ќе се работи на изработка на муралите, а главниот настан е закажан за сабота, 10 мај.
„Ги повикуваме сограѓаните, публиката во сабота да погледнат што сме сработиле и на едно заедничко дружење. Планиран е урбан настан со 4,5 диџеи, но и спортска програма за најмалите, за што е задолжен професорот Југослав Спасиќ. Секоја година растеме како фестивал, а ова е единствен таков настан во државата“, објасни Горан Стојанов од здружението „Форма“.
Уметниците цртаат по сопствена замисла, имаат целосна слобода во изразувањето, а и самиот концепт на графити- уметноста е без ограничувања.
Ќе настапат уметници од Италија, Грција, Германија, Полска, Шпанија и од земји од регионот. Фестивалот веќе од втората година на одржување има меѓународен карактер, а и огормна популарност меѓу кумановци.
Со својата измината работа „Форма“ го популаризираше овој тип на уметност, па имаат работа постојано. Ги повикуваат градоначалници од други градови, сопственици на големи фирми и објекти, а веќе добиваат и понуди од странство.
Од минатата година започнаа и со графити караван во други градови, повторно со цел да се популаризира уметноста и во останатите места од државата- лани беа во Кочани, а сеуште одлучуваат во кој град да гостуваат во 2025 година. Караванот се одржува на почетокот на есента.