Започна хортикултурно уредување на влезот во градот
ЈП „Чистота и зеленило“ започна со хортикултурно уредување на зелените површини на влезот на градот, откако беше изграден кружниот тек.

Од претпријатието велат дека ќе биде засаденo цвеќе, жива ограда, зимзелени и листопадни дрвја и украсни грмушки.
- Од денеска, па до крајот на неделата на средиштето на кружниот тек ќе засадиме 1800 љубичици кои ќе бидат во бела, жолта и плава боја. Ќе има и нов тревник, некаде со околу 650 украсни грушки. До сега се засадени 600 садници лигуструм, 450 сантолини, 55 садници туја вудворди, 7 листопадни платани за сенка на паркинг просторот кој се наоѓа до кружниот тек, 11 хиберники, како и една калемена црница, - вели Цветанка Ивановска, техничкиот директор на ЈП „Чистота и зеленило“.
Таа ги повика граѓаните да не ги уништуваат садниците, затоа што тие, како што вели таа, освен што придонесуваат за поубав изглед на градот, користат и за прочистување на воздухот.
Од „Чистота и зеленило“ од Куманово во овој период продолжуваат со раззеленување на градот, со засадување на дрвореди долж улиците „Трета МУБ“ и „Гоце Делчев“. Исто така нов дрворед има и на улицата „Бранко Богдански Гуцман“, како и пред самиот влез на градскиот базен и спортската сала, како и дополнување и обновување на садниците на градските плоштади.
Од претпријатието велат дека ова е само почеток и дека со ваков интензитет ќе продолжат и понатаму, каде планираат и масовно пошумување.