Заврши Меѓународниот сликарски конак - „Грација ИАН 2025“
Во комплексот „Грација“ во Куманово по четврти пат се одржа Меѓународниот сликарски конак „Грација - ИАН 2025“, кој траеше од 19 до 25 мај.

Учествуваа 12 уметници од шест земји и тоа: Никола Жигон и Јелена Кришиќ од Србија, Татјана Диденко и Јулија Томеско од Украина, Асмар Нериманбекова од Азербејџан/ Франција, Дедислава Лапева и Бисер Лапев од Бугарија, Јелена Вушуровиќ од Црна Гора, Благица Стојановска, Далибор Јовановски, Емилија и Стојче Тоцински од Македонија.
„Авторите создадоа 21 оригинални дело. И оваа година имавме одлична продукција, гостите беа вредни и создадоа извонредни дела. Љубителите на уметноста ќе имаат можност да ги видат на изложбата која ќе ја организираме на есен, по повод еден од нашите големи празници. Се работи за биенална изложба, која пред две години беше во Центарот за култура, а годинава ќе биде овде во комплексот Грација“, изјави Мики Трендафиловски, координатор и уметнички раководител на колонијата.
Уметниците покрај во Куманово беа во посета на Кратово и на црквата „Св. Ѓорѓи“ во Старо Нагоричане, што било посебно доживување за нив, подоцна и инспирација за нивните дела.
„Првпат учествувам и можам да кажем дека е прекрасно организирана. Јас сум од Ќустендил и повеќе пати сум доаѓал во Куманово, многу ни е сличен менталитетот како народ, но овој пат го доживувам престојот на посебен начин. Многу убав впечаток ми остави патувањето во Кратово, градот изобилува со стара архитектура која плени со својата убавина“, кажа Бисер Лапев од Ќустендил, кој е тука со неговата сопруга.
Оваа година имаше и две уметници од Украина. Татјана Диденко по втор пат е на колонијата, додека Јулија Томеско Киев за првпат доаѓа во Македонија.
„Многу сум благодарна и среќна што сум поканета на една ликовна колонија во Македонија. Посебно сум импресионирана од посетата на Кратово. Многу убаво и живописно место, кое ќе се најде на моето платно. Добив многу добри идеи, бидејќи сакам да сликам природа, ми се допаѓаат пејсажите во вашата земја, како и македонските глинени садови“, кажа Јулија.
Од минатата година воведена е новина за одржување на камерна изложба на слики и цртежи „Јас и моите пријатели“, а оваа година беа изложени дела на Мики Трендафиловски, Дарија Мазурина и Јулија Тамеско, на 20 мај во НУЦК „Трајко Прокопиев“.
Сопственикот на комплексот Грација и организатор на изложбата Влајко Стојчевски, вели дека и оваа година се потврдило правилот дека уметноста нема граници и колонијата поминала во извонредна пријателска и творечка атмосфера, и со нетпрение го очекуваат наредното дружење на изложбата на сликите.