Заврши проектот „На патот“
Заврши реализацијата на проектот „На патот“, кој имаше за цел да овозможи услови за развој на креативниот и творечки потенцијал на кумановските уметници, финансиран од Швајцарската амбасада, а имплементиран од Здружението за рурален развој „ЛАГ АБЕР 2015“.

Проектот беше насочен кон создавање конекции меѓу уметниците и обичниот човек на тој начин што ќе го доближи нивното творештво до публиката која се поретко наоѓа време да ги посетува официјалните уметнички настани и изложби.
Kрајната цел беше да се поттикне свеста за културно-уметничкото наследство и туристичкиот потенцијал во руралните делови на регионот, истовремено демонстрирајќи ја огромната креативна моќ која ја имаат современите уметници и нивниот неискористен потенцијал од страна на локалните и регионалните културни фактори.
- Скулптурата „Кавалџија“ на Горан Стаменков поставена на плоштадот во Старо Нагоричане сега е често фотографиран детаљ од страна на туристите кои доаѓаат во црквата „Св. Ѓорѓи“, делата „Козјак“и „Пингвини“ на ѕидот на ОУ Крсте Мисирков, изработени од Дејан Божиновски – Коска укажуваат на природните убавини на руралните подрачја околу Куманово, но и на опасноста од загадувањето. „Весела станица“ на Дејвид Стоилковски прва ги дочекува посетителите кои одат во посета на спомениците во општина Старо Нагоричане, „Улица на виножитото“ од Валентина Илијевска го разбива кумановското сивило и ја потенцира потребата за заштита на градското зеленило, додека уметничките билборди направени за неколку рурални туристички места ја потенцираат потребата од потесна соработка меѓу бизнис заедницата и уметниците, - вели Дејан Ѓорѓиевски, директор на проектот.
Мирослав Величковски, проектен координатор, упати голема благодарност до донаторите и сите уметници кои ја посетуваа куќата во која се одвиваше проектот, како и на медиумите, пријателите и обичните луѓе кои ја почуствувале енергијата им дале поддршка во реализацијата.
- Најважно од сé е идејата од проектот да продолжи да живее, институционализирана преку локалните самоуправи, кои многу лесно можат да одделат и овозможат средства и простор за творење на младите уметници од регионот. Преку овој проект, покажавме дека тие со сигурност ќе знаат како да се оддолжат за добиената шанса и ќе придонесат регионот да ги добие основните карактеристики преку кои ќе можеме нашите општини да ги наречеме „културни“. Но, за да се случи тоа, претходно е потребно целосно ослободување на уметноста, непречен развој на независната уметничка сцена и протежирање на квалитетот во создавањето на културните политики во државата, - додава Величковски.