×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Жителите на Новосељане, Косматец и Мургаш бараат еднаш неделно автобус, откако им е укинат јавниот превоз затоа што линијата не е рентабилна

    22.07.2020 09:11 | KumanovoNews

    Педесетина жители од Новосељане, Косматец и Мургаш, веќе пет месеци се без јавен превоз, затоа што линијата што досега ја имале не била рентабилна за превозникот и тој се откажал од неа.

    Жителите на Новосељане, Косматец и Мургаш бараат еднаш неделно автобус, откако им е укинат јавниот превоз затоа што линијата не е рентабилна

    Поради тоа жителите подготвуваат петиција со која ќе побараат од Општина Куманово што поскоро да им го реши проблемот.

    Тие велат дека од месец февруари останале без превоз и отогаш се соочуваат со голем проблем, бидејќи во селата нема амбуланта ни аптека, па старите луѓе не можат навремено да побараат здравствена заштита, ниту пак можат да дојдат во Куманово за да завршат некоја работи.  Бидејќи се оставени на милост и немилост, единствено што бараат е да им пушти автобус еднаш неделно за да можат да отидат до градот за најосновните потреби.

    „Линијата за селото Мургаш ни е укината уште од февруари, без никаква најава од страна на превозникот „Штуз“. Конкретно во ова село, има околу дваесетина жители, каде има и постари луѓе кои не можат да си ги купат лековите, а има и семејство со деца кои треба да тргнат на училиште и за нив нема превоз. Па децата ќе треба да одат пешки, ако од есен се нормализира наставата. Околу дваесет до триесет луѓе, жители коишто се од селото Мургаш, како и дел од Косматец, кога би имало превоз би се вратиле и да живеат таму преку лето, но за жал нема превоз, а ниту пат до селата“, вели Марина Петковска, која има семејна куќа во селото Мургаш, мајка и татко пензионери коишто сакаат да одат таму, а и се дел од иницијаторите за покренување на оваа петиција.

    Жителите потенцираат дека додека имало автобуска линија комбињата биле полни со патници, но дека и една од причините зошто е укинат превозот е и тоа што до селата нема асфалтиран пат, па превозниците не сакаат да си ги амортизираат своите возила. Тие велат дека од Општина Куманово им било ветено дека ќе го решат тој проблем, но ветувањето не го исполниле.

    Од компанијата „Штуз“ во Куманово, велат дека ја укинале линијата затоа што економски им е  нерентабилна и дека за тоа е известена Општина Куманово.

    „Поднесена е сета документација до Општина Куманово, тие се запознаени и сите чекори за откажување на линијата се преземени на време. Така што од нашата страна е коректно постапено. Линијата е економски неисплатлива и е укината поради тоа. Општина Куманово сега треба да си распише нов оглас и според тоа кој превозник ќе се јави, ќе ја преземе линијата. Но, дека е прекинато без најава не е точно, во Општината си е поднесено барање навреме“, додаваат од компанијата.

    Од Општината, пак,  велат дека превозникот не ги известил навремено за прекинување на линијата,  па затоа Општината ќе може да распише тендер за друг превозник, дури откако целосно ќе се заврши изборниот процес.

    „По известувањето на компанијата „Штуз“ дека тие нема да ја возат таа линија, ние го известивме Министерството за транспорт и врски, а тие ни кажаа дека од компанијата требало да се најави шест месеци претходно, па ги известивме „Штуз“ дека барањето не е во ред. Сега Општина Куманово треба повторно да распише тендер за некој да се јави и да ја преземе линијата. Поради новонастата ситуација со коронакризата целиот превоз се стопираше, ние се надеваме дека по завршување на изборниот процес ќе се пристапи кон решавање на тоа прашање“, изјави Лидија Ланг Спасовска, раководител во  Секторот за комунални работи во Општина Куманово.

    Додека се реши проблемот жителите на трите села ќе бидат приморани двапати дневно да поминуваат од пет до седум километри пешки, за да дојдат до селото Градиште, од каде што има воспоставено автобуска линија.

    Претходно до овие села имало две линии, во четврток и недела двапати во текот на денот.

    (Фросина Марковска)