×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Жителите на Табановце останаа без вода на тропските температури

    01.08.2017 17:45 | KumanovoNews

    Жителите на кумановското село Табановце останаа без вода, откако пред два месеца секнаа чешмите од селскиот водовод.

    Жителите на Табановце останаа без вода на тропските температури

    Мештаните се жалат дека малите количини на вода кои ги добиваат на неколку дена или еднаш неделно во ноќните часови не се доволни за потребите на нивните домаќинства, па затоа се принудени вода да носат од реката или од градот. Најтешко им е на оние што немаат бунари и зависат од водоводот, а живеат во центарот на селото и во Горно маало.

    „Имам мало дете од две години, немам вода шише да му измијам, а не да го капам и да го перам.  Водата ја нема со денови и недели, ќе дојде неколку часа, најчесто ноќе. Немаме бунар и вода носиме од каде ќе стигнеме, но ова веќе не се издржава. Се искилавивме. Ова што ни се случува не е хумано, на 50 степени ќе цркнеме без вода.  Чекаат ли децата шуга да фатат па да ни помогнат. Не можеме нормално да функционираме на крај сме со нервите. Барам да се преземе нешто под итно, да ни се достави вода за пиење и техничка вода со цистерна, - вели Е.П. мајка на три деца, која е очајна поради состојбата во која се нашло нејзиното семејство.

    Таа додава дека нејзините соседи кои се главно постари луѓе можеби не го чувствуваат толку недостокот на вода, но таа со децата се чувствува како во пеколот, а нема најава дека проблемот наскоро ќе се реши.

    И останатите жители од селото се жалат дека состојбата е неиздржлива и бараат од месната заедница да преземе нешто и да побара помош од Општината Куманово за да се ублажат последиците од недостигот на вода во селото. Некои од нив се сомневаат дека со селскиот водовод се манипулира, па куќите кои се во подножјето на селото ја злоупотребуваат водата и ја користат во неограничени количини и за полевање на бавчите, па затоа за другите не останува.

    „Немаме водомери и не се знае кој колку троши. Затоа тие што имаат притисок ја испуштаат и за другите нема. Спремни сме да платиме да се вградат водомери и да се наплаќа потрошената вода само да има подеднакво за сите, не се живее вака без капка вода. Жедни се и луѓето и добитокот“, - вели друг жител.

    Тони Петровиќ претседател на месната заедница Табановце, ги отфрла обвинувањата дека има злоупотреби со водата и тврди дека селото останало без вода затоа што се намалени количини на водата на природниот извор поради сушата, а потрошувачката на вода е зголемена.  Тој објаснува дека семејствата покрај реката главно имаат бушотини во дворовите и затоа имаат вода и да ги полеваат дворовите, додека оние што живејат во повисокиот дел на селото имаат сериозен проблем веќе 2 месеци.

    „ Ќе поднесеме барање до општината за обезбедување на цистерни со вода. Се надевам дека ќе ни излезат во пресрет. Луѓето се снаоѓаат, но се потешко, не е еден ден. Ние пред два месеци поднесовме барање до неколку меѓународни организации да ни помогнат преку донации за водоводот во селото,  засега нема никаков одговор, но се надеваме дека ќе се јави некој да ни помогне - додава Петровиќ, кој вели дека и неговото домаќинство е без вода затоа што живее во центарот на селото.

    Во Табановце живеат околу 300 жители и е едно од најголемите кумановски села, а неодамна доби асфалтен пат донација од јапанската влада поради тоа што како погранично место помогна во справување со бегалската криза.