Мени

„Еве ме пак“ во нова карантинска верзија ја пеат 25 млади музичари

02.05.2020 20:34 | KumanovoNews

Поп пејачката Александра Јанева заедно со уште 25 млади музички таленти, солисти и инструменталисти направи нова верзија на хитот „Еве ме пак“.

„Еве ме пак“ во нова карантинска верзија ја пеат 25 млади музичари

 Оваа млада и талентирана пејачка времето во карантин го искористи за уште едно пријатно музичко изненадување на својата публика и фанови. Новото видео го објави вечерва на својата страна на  фејсбук, кое веднаш наиде на многу позитивни реакции и пофалби.

„Сакам да ги слушнете, не поради тоа што свират и пеат моја музика, туку затоа што се мултиталентирани и нестварно слатки“, - вели Александра за овој проект снимен во услови на самоизолација.

Целиот нов инструментал од фановите е комплетно снимен во домашни услови, со телефони.

Струмичанката Александра Јанева е еден од најдобрите вокали во Македонија. Македонската публика ја знае по победата на „Макфест“ во 2013 и 2016 година, но и како дел од групата „Аларм“, со која го отпеа хитот „Не ме допирај“. Пејачката, која зад себе има повеќе настапи на македонските фестивали, често настапува во Куманово и миленичка е на младата кумановска публика.