20. 07. 2020 23:41

Неосновани обвинувања за катастрофално справување со корона вирусот во земјава

Неосновани обвинувања за катастрофално справување со корона вирусот во земјава

 Пишува Соња Рилковска

Рецензираме вест објавена на порталот Курир (19 јули 2020), под наслов „Загрижувачки факти кои покажуваат колку Владата катастрофално се справува со коронавирусот (ФОТО)“.

Насловот на текстот тендензиозно ја обвинува Владата за некомпетентно справување со корона вирусот, најавувајќи загрижувачки факти и фотографии. Но, во текстот нема факти, туку само принтскринови од табели на српски/хрватски јазик, а воопшто не пишува кој ги направил, ниту со каква методологија.

Инаку, анализата прикажана со табели на порталот Курир е преземана од  Aljezeera Balkan, без да се наведе изворот со линк до него, што е уште еден непрофесионален момент, бидејки авторот никаде не го навел тоа (член 4. од Кодексот на новинарите).

Во непотпишаниот текст се наведува:

На црната статистика која мери индекс на заразени и смртност на милион жители од коронавирус, Македонија е на лидерската позиција, односно Македонија од сите држави во регионот има најголема стапка на смртност.

На крајот во текстот новинарот непрофесионално носи тендензиозен заклучок:

Овие факти се уште еден доказ дека Владата катастрофално се справува со корона вирусот во Македонија.

Новинарите не смеат да носат свои заклучоци при пренесување на вести, заклучокот го носи јавноста (член 13. од Кодексот на новинарите).

Намерно или не, авторот не ја пренел втората страна, односно изјавата на министерот за здравство Венко Филипче, кој во повеќе наврати јасно кажа дека големата смртност се должи на тоа што единствено во нашата земја се прават постмортем тестови.

Има земји кои имаат повисока смртност од нашата. Од над сто починати, 22 случи на ковид-19 се дијагностицирани постмортем. Тоа не го прави никој досега. Ние ја презедовме и таа мерка, за да имаме појасна слика за ситуацијата со ковид-19 и да може да се анализираат контактите на блиските на починатите што биле заразени со коронавирус. Кога ќе ја извадиме таа бројка на постмортем дијагностицирани случаи, стапката на смртност е уште пониска, рече Филипче.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.