Мени

Крива Паланка ја плаќа цената на неспособноста на државата да се справи со 1.000 крави, кажа градоначалникот Митовски

09.11.2026 18:23 | Сузана Николиќ

Владата итно да прогласи 30-дневна кризна состојба на територијата на Општина Крива Паланка и да ги обезбеди потребните ресурси за трајно решавање на проблемот со неконтролираното движење на крупниот добиток, побара градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски, кој денеска излезе на протест со жителите на Општината.

 

Крива Паланка ја плаќа цената на неспособноста на државата да се справи со 1.000 крави, кажа градоначалникот Митовски

Тој кажа дека секојдневно повеќе од 1.000 грла добиток неконтролирано се движат низ општината, при што ги уништуваат земјоделски насади, оштетуваат приватни имоти и јавни површини, а се загрозува безбедноста во сообраќајот.

„Крива Паланка предолго ја плаќа цената на институционалната немоќ, неодговорноста и постојано одлагање. Во услови кога институциите не можат сами да се справат со проблемот, Владата мора да интервенира да ги обезбеди потребните ресурси и да организира заедничка координирана интервенција. Додека институциите ги објаснуваат своите ограничувања и надлежности, граѓаните ги бројат своите загуби и штети. Немањето капацитет повеќе не смее да биде оправдување за одлагање на решението. Бараме јасен оперативен план со акции по денови, прецизни задолженија и точно утврдена одговорност. Бараме организирано заловување, безбеден транспорт и згрижување на добитокот, како и мерки што еднаш засекогаш ќе спречат повторување на проблемот“, кажа Митовски.

Тој потсети дека од јануари 2022 година до денес доставиле стотици пријави и иницијативи до Владата, Министерството за земјоделство, надлежниот инспекторат и Агенцијата за храна и ветеринарство, поднесена е и кривична пријава за мачење животни, докази за материјални штети, за повреди на граѓани и за уништување јавни површини.

Затоа јавно праша што уште треба да се случи за да конечно институциите профункционираат и да постапат по правосилните и извршни решенија што самите ги донеле, за одземање на животните.

„Несовесното одгледување добиток и несоодветното постапување на институциите со години го држат градот во заложништво. Ниту партиската припадност, ниту нечии приватни интереси смеат да бидат над законот и над правото на граѓаните на нормален и пристоен живот“, кажа Митовски.

Градоначалникот Митовски, барањето за прогласување на кризна состојба од Владата побара и минатата недела, но досега нема одговор.