×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Ива Спасовска: Моите креации се наменети за жените кои го заслужуваат најдоброто

    19.02.2020 12:29 | KumanovoNews

    Нема збор кој вистински може да го опише задоволството кога секојдневно успешно се гради својот сон, вели младата дизајнерка Ива Спасовска од Куманово, која со својот стил и бренд е препознатлива во државата и надвор од неа.

    Ива Спасовска: Моите креации се наменети за жените кои го заслужуваат најдоброто

    Оваа млада и амбициозна девојка стана препознатлива во модниот свет со своите уникатни материјали и искрен и посветен однос кон својата работа.

    Нејзините модни парчиња се само нејзина алатка со која ја изразува својата внатрешност, односно она што ѝ лежи во душата, па затоа ја прашавме како ја започнала својата професионална приказна и дали планирала да стане модна дизајнерка?

    Мојата приказна буквално започна од мали нозе. Додека другите деца се играа со вообичаените игри, јас барав нешто ново. Се издвојував од нив и создавав мои игри по сопствени правила. Бев сосема поинаква и во основно и средно училиште и не сакав да се вклопам во ниедна група на моите врсници.

    Мојот пат кон модата не е случаен со оглед на традицијата на моето семејство и гените на моите предци, пред се` прадедо ми. Јас немав бизнис план, ниту планирав да градам кариера, но се започна спонтано и работите тргнаа во вистинската насока. Модните парчиња се само алатка преку која ја изразам својата индивидуалност и креативност, убавината која ми лежи на душата ја пренесам на светот, а воедно и усреќувам некого. Тоа ми претставува двојно задоволство и ме чини неизмерно среќна.

    Од каде црпите идеја за Вашите модни парчиња и за кого е наменета Вашата колекција?

    Идеја ми е воздухот што го дишам, страста која ја поседувам и чувствувам како гори во мене. Моја идеја е и моето постоење и еволуција на самата себе, идеја ми е самоспознавањето на мојата душа и телото, а и светот околу мене. Моите колекции се наменети за сите жени во светот кои сметаат дека го заслужуваат најдоброто, кои успешно владеат со себеси и знаат дека се кралици без никој друг да им го каже тоа.

    Зошто дамите треба да купуваат Ваша облека?

    Заради тоа што сме единствени на пазарот со она што го изработуваме. Жените и девојките доволно е само еднаш да стапат во контакт со „Iva Spasovska Atelier”, за да се уверат во целата магија која ние ја правиме. Да се чувствуваат како кралици, магија која трае засекогаш. Нивното доаѓање во нашето атеље е цел филм, бајковита приказна која им се случува во реалност. Целото тоа договарање на моделот, бирање на материјалите, возбудливите проби во кои ја имаат целата слобода и самите да креираат уметничко дело на нивното тело. Тоа е едно цело ремек дело кое секојдневно девојките и жените го доживуваат кај нас. Премногу сме благодарни на сите што нè поддржуваат во секој наш чекор, а вкупната бројка на љубителки на креациите на Ива Спасовска изнесува 100.000 членови.

    Со кои познати личности имате соработувано и со кој имате најдобра соработка?

    Сме соработувале со скоро целата млада женска музичка естрада.

    Дали македонските жени следат мода, дали имаат чувство за дотерување?

    Дефинитивно да, повеќето од жените и девојките кај нас точно знаат како да изгледаат светски.

    Која политичарка според Вас е најдобро облечена?

    Сите се супер. Но, како и да е, верувам дека би блескале како кралици во нашите тоалети на нивните свечени настани.

    Што во моментот е тренд во светската мода и дали Вашата колекција ги прати светските трендови?

    Она што е тренд во светската мода ние одамна го изработуваме, а тоа се рачните изработки со кристали, пердуви, реси, транспарентни материјали, свила ... Генерално моите креации се создадени за на „Ред карпет“ што во нашиот случај тоа се свечени настани, свадби, матури...

    Кој е советот кој ќе им го дадете на помладите дизајнери, доколку сакаат да станат успешни?

    Секогаш, ама баш секогаш сум била премногу искрена со моите идни колеги. Им велам да не му ја мислат многу туку да се фатат што е можно побргу за работа. Од многу модно-дизајнерски филозофии и само нацрти моден дизајнер не се бидува... Фатете го материјалот во раце и ако тогаш не ви доаѓаат идеи, подобро не се ни мачете, насочете се во друга професија.

    Со оглед на тоа дека Вашите колеции веќе станаа бренд, кои се идните планови?

     Благодарение на својот квалитет и уникатност Ива Спасовска расте како бренд, како тим и како женска задоволна армија од илјадници среќни клиентки кои со наша помош изградиле љубов кон самите себеси, зрачејќи кога ги носат моите креации. По десет годишно креирање сега за сега сме и повеќе од задоволни со ова што се случува во моментот.