Мени

Општина Куманово ќе префрли 4 милиони денари за плата на вработените во „Пазаришта“

13.11.2026 18:10 | Сузана Николиќ

Советот на Општина Куманово денеска донесе oдлука за зголемување на основната главнина на ЈП „Пазаришта“ Куманово во износ од 4 милиони денари. Со ова зголемување капиталот на претпријатието ќе изнесува 26,5 милиони денари.

Општина Куманово ќе префрли 4 милиони денари за плата на вработените во „Пазаришта“

Вработените не земале плата за август, септември и октомври.

Советничката Марина Манојловски, кажа дека ова префрлање на средствата е пресипување од празно во шупло. 

„Она што со години го толерираме е на јавните препријатија  кои немаат резултати на секој квартал им ги зголемуваме влоговите. Се прашувам јас, но и граѓаните, зошто постојат ваквите претпријатија - загубари,  без финансиска дициплина и никаква одговорност.  И до кога ќе трае ова, бидејќи се трошат парите на граѓаните“, кажа  Манојловска.

 И советникот Хузеир Мустафи, смета  дека претпријатието редовно генерира загуби и се зголемуваат долговите кои ги плаќаат граѓаните на Куманово.

 „Вработените во ЈП „Пазариште“  3-4 месеци не замале плата, а со оваа помош ќе се исплати  само 1,5 плата, а потоа пак ќе продолжат проблемите затоа што општината нема долгорочна стратегија за ова претпријатие. Потоа пак ќе биде во долгови и не може да ги извршува елементарните работи“, кажа Мустафи. 

Советникот Дарко Митевски, побара менаџментот на претпријатието да поработи на случајот за подобрување на финансиската состојба, и посочи дека од 2020 година наваму се одобрува континуирана поддршка, а само лани били исплатени 6 милиони денари или околу 100.000 евра.  

ЈП „Пазаришта“ е во тешка финансиска состојба и со блокирана сметка, затоа што има повеќе расходи од приходи, поради што не можат  редовно да се исплаќаат платите.  На годишно ниво само по основ на плати во минус се 12 милиони денари.