Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Интервју Марта Цветковска, портпарол на ГРОМ
Посакувам на ова прашање да можам да кажам немам коментар, се ми се допаѓа, Куманово е мој град. За жал, не е така. Не ми се допаѓа што во 21 век некои граѓани од централното градско подрачје и околните населби се уште газат по неасфалтирани улици. Да не зборуваме дека за некои граѓани и канализационата мрежа и нормално водоснабдување е новогодишна или предизборна желба. Не ми се допаѓа што во Куманово има се помалку зелени површини, а се поголема темнина во ноќните часови. Не ми се допаѓа што младинскиот спорт е на умирање, а талентираните спортисти нижат успеси надвор од нашиот град. Не ми се допаѓа малиот број на локални медиуми како за град втор по големина во државата. Но, она што е интересно за нашиот град е огромната волја и оптимизам кај секој кумановец. Па така, и покрај неасфалтираните улици, граѓаните ќе поверуваат дека тоа е последната година како газат по истиот кал. Темнината ќе ја претворат во романтика, недостатокот од зелени површини ќе го заменат со прошетка до околните рибници. Недостатокот од медиуми за информирање ќе го заменат со социјалните мрежи. И за секој друг недостаток во градот или проблем во кој ќе се најдеме знаеме да го замениме незадоволството со шега на своја сметка.
Многу работи би требало да се сменат во Куманово, за да овој град го добие заслужениот сјај. Почнувајќи од надворешниот урбанистички изглед на градот, несоодветната регулираност на сообраќајот, преку огромната невработеност, пред се на младите луѓе, се до недостатокот од културни манифестации кои ќе се репрезент на нашиот град. Манифестациите како Кумановскиот џез фестивал, Тумба Фест и уште многу други настани се само убаво минато на кое се сеќаваат кумановчани. Но, неблагодарно е да зборуваме што би направиле кога би имале моќ. Посоодветно е секој од нас да најде начин и даде свој придонес во промената.
Идеално би било на гостин кој доаѓа прв пат во Куманово, еднодневната обиколка да изгледа на овој начин: денот може да почне со прошетка до Кумановската бања, да продолжи кон Споменик Костурница и евентуално ако гостинот има добра кондиција прошетката да заврши во Зебрњак. После долгата прошетка, идеално место за враќање на изгубените калории е етно ресторанот Баба Цана. Да се дојде во Куманово, а да не се вкусат најпознатите кумановски специјалитети, е исто како да не си бил во Куманово. Во вечерните часови, гостинот ќе биде почестен со излегување во еден од неколкуте ноќни клубови. Доколку гостите останат неколку дена, не би ја испуштила можноста да ги посетиме Кокино и некои од кумановските цркви и манастири.
На пријателот кој прв пат доаѓа во Куманово, најпрвин би му кажала да не доаѓа со автобус, за во никој случај да не ја види засрамувачката Автобуска станица. Исто така, ќе се обидам да ги избегнам прошетките кај месноста Средорек и маркетот Туш, како што објавивте, да не преминеме низ портата на пеколот. Најмногу од се ќе се молам гостинот да не рече дека сака да оди во парк или пак да ми каже дека има потреба од јавно WC. На срамот, ќе му нема крај.
Куманово е посебно по многу работи. Уникатноста почнува од самиот дијалект се до препознатливиот кумановски хумор. Куманово е град на нов социолошки феномен наречен “Авганистанизам”, со сите бенефити и последици од истиот. Куманово е град на единствениот кумановски мезалк. Куманово е град на мултикултурноста кое се гради и живее со векови. Куманово е град на паднати борци, херои, но и на боеми. Кога би требало да сублимираме, и да кажеме по што е посебно Куманово, наједноставно е да кажеме дека тоа е поради луѓето кои живеат тука, а кумановци се дефинитивно најуникатните луѓе било каде да се појават.