Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Интервју Раде Ристиќ, волонтер во Црвен Крст
Во Куманово не ми се допаѓа запуштеноста на градот. Зградите околу Градскиот плоштад со стари фасади не само што го нарушуваат изгледот на градот, туку се и опасни за минувачите. Паѓаат делови од фасада и можат да повредат некој, би требало што поскоро да се санираат. Исто така и екологијата во градот е многу слаба, но за тоа сме виновни самите, треба да се подигне свеста на граѓаните да се оддржува околината почиста. Во летниот период, кога се високи температури не се поминува покрај контејнер, ѓубре има насекаде околу него освен во него, а тоа создава непријатна миризба. Автобуската и железничката станица, нашите „порти“ на градот се во многу лоша состојба. Уште на самото пристигнување на некоја од станиците гледаме стари објекти, запуштени и што да очекуваме понатаму?
Во градот со промени би почнал од изгледот. Имаме толку многу убави места, но за жал запуштени и во очајна состојба, како Спомен Костурница, Кумановска Бања, бања Стрновац, градскиот парк. Тоа се само неколку прекрасни места за викенд прошетка или пикник, но кога ќе ја погледнеме нивната состојба паѓа се во вода. Има и многу места за кои многу луѓе и не знаат дека постојат, врвот на Студена Вода од каде цело Куманово се гледа како на дланка, прекрасно место за авантуристи. Таквите места треба да се промовираат да се означат дека ги има. Познатата Живкова карпа е исто одлично место за авантура, каде може да се направат патеки за искачување или да се организираат разни спортски натпревари за љубителите на екстремни спортови. Бислимската клисура е исто така одлично место каде би можело да се уредат патеки за пешаци и секако за најхрабрите. Освен тоа би сакал да се збогати ноќниот живот во градот. Во летниот период имаме поголем избор но во зима имаме само 3 дискотеки во кои е преголема гужва. Во градот недостасуваат хотели, ги има неколку но подалеку од градот што за некој кој прв пат доаѓа во Куманово е навистина проблем. Добар пример се мапите на градот како во Скопје мислам дека такво нешто треба да се направи и во нашиот град. Во летниот период имаме неколку базени мали, но доволно за разладување во летните горештини, но за жал доколку во зима сакаме да пливаме во Куманово немаме таква можност. Да се надеваме дека наскоро ќе почне да функционира затворениот базен кај Спортската сала. А кога сме веќе кај салата и таа бара малку средување, кровот тече, пархетот стар, трибините уништени, но сепак имаме квалитетни спортисти и во лоши услови.
Гостин кој прв пат доаѓа во Куманово и нема каде посебно да се прошета. Местата кои се симболи на градот се во лоша состојба, не би сакал такви да ги види, но сепак би го прошетал низ центарот на градот, кејот, бањите Стрновац и Кумановска, на ручек во Етно Село или Визијана или пак кај нашата баба која секогаш ни приготвува нешто вкусно Баба Цана. Манастирот Св. Троица во село Скачковце е место кое треба да се покаже, пример како треба да изгледа една туристичка локација.
Доколку гостинот не доаѓа со автобус или воз нема да ги покажам станиците. Населбата Средорек, на кејот би го прошетал но не би ја покажал реката која е полна со се и сешто. Не би ги покажал сеуште неасфалтираните улици во центарот на градот, разрушениот хотел Куба и поранешниот градски базен кои за жал прошаѓаат.
Куманово се разликува по многу нешта. Препознатливи сме по шегата по нашите кумановски вицови. Нашата кујна е исто така многу вкусна и позната, кумановски мезалк, кумановски суџук. Немора да те прашаат од каде си, доволно е само да те слушнат како зборуваш, затоа што нели ми си имамо наш дијалект кој не разбере разбере, кој не ќе се позафркавамо сс њега па ке му објаснимо после на македонски. Иако не е совршено, дома си е дома. Кај и да одиш тука се враќаш сепак ни е убаво, какво такво наше си е.