Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Интервју Бојан Златковски, директор на кошаркарски клуб “Пинк Пантери“
1. Што не ви се допаѓа во Куманово?
Во градот има многу нешта кои мене лично не ми се допаѓаат. На прво место би го издвоил сообраќајот, а верувам дека многумина би се сложиле со мене. Во центарот на градот владее тотален хаос, а да не зборуваме за делот кај Зелениот пазар. Исто така не ми се допаѓа што не се води сметка за хигиената на градот, свесноста на граѓаните е на ниско ниво, па затоа и кејот е преполн со ѓубре. Меѓу другото не ми се допаѓа и тоа што Куманово како поголем град нема кино. Не се инвестира во градот и има многу млади невработени.
2. Што би смениле во градот?
Се што спомнав пред малку би го сменил. Би превземал одредени мерки за да се среди сообраќајот во градот. Со поставување на семафори на некои места, лежечки полицајци и кружни текови и забрана за паркирање по улиците од страна, мислам дека колку толку ќе се среди сообраќајот. Би ја реновирал спортската сала, мислам дека Куманово е спортски град и заслужува подобра сала за тренирање.
3. Каде ќе прошетате гостин кој првпат доаѓа во Куманово?
Преку денот ќе го прошетам по центарот на градот, а навечер би го одвел во некоја кафеана каде ќе проба некој од кумановските специјалитети во придружба на Кумановските тамбураши. Исто така би му ги покажал и неколкуте места во близина на Куманово меѓу кои е меморијалниот центар АСНОМ во Пелинце, Мегалитската опсервација Кокино, како и црквата Св. Ѓорѓи која постои од средниот век.
4. Што не би покажале на пријател кој првпат доаѓа во Куманово?
Не би му го покажал кејот и пределот кај Средорек, како и Автобуската станица која изгледа многу лошо.
5. По што Куманово е посебно и по што се разликува од другите градови?
Иако постојат многу работи што не се како што треба и ми пречат, сепак Куманово за мене е еден од поубавите градови во Македонија со историја и традиција. Има многу работи кои градот го прави посебен, а меѓу нив е и специфичниот акцент по кој сите не препознаваат.