Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Игор Михајловски е еден од најдобрите и најуспешните поранешни кошаркари од Куманово. На 15 години играл за првиот тим на Куманово, по што заминал во белградски Партизан.
Со Ѓорѓевиќ, Даниловиќ, Лончар, го освоил Купот на Европските шампиони, а по примерот на неговите тренери Вујошевиќ и Обрадовиќ сака да им даде шанса на младите кумановски кошаркари да го остварат својот сон.
Како нов тренер на КК Куманово во ексклузивно интервју за KumanovoNews, Михајловски раскажува за неговите кошаркарски почетоци и тренерски визии во новиот клуб.
Размислувавте ли долго пред да ја прифатите тренерската позиција во клубот?
Кога добив повик дека клубот се интересира за мене, договоривме состанок уште истата вечер. Мислам дека 5 минути беа премногу. Толку ни требаше да се договориме. Управата даде подршка на мојата идеја, мојата визија за клубот, а тоа беше развој на млади играчи. Тоа беше доволно за да оствариме соработка. Уште како кошаркар, имав амбиции да бидам тренер. Зошто да не почнам во мојот град. 5 години имам своја школа од која произлезе кошаркарски клуб, а сега добив шанса да дебитирам како тренер во Првата лига.
Задоволни ли сте од играчите со кои располагате во моментот?
Јас ги бирав играчите, и во тоа никој не ми се мешаше. Младеновиќ и Јаневски беа со договор, и останаа во екипата. Сите останати се доведени според можностите и буџетот што го има клубот. Играчите се на возраст од 23-26 години, освен Мандиќ кој е повозрасен. Тој ќе има задача со своето искуство да ги предводи младите. Ова не е тим за една сезона. Костовски ќе биде капитен на екипта, и мислам дека го заслужува тоа. Мојата визија за кошарката е дека доколку сакате да победите некоја екипа, ќе треба да одбраните еден напад повеќе од противникот. Добра одбрана носи додатна мотивација кога е во прашање нападот. Една од карактеристиките со моето доаѓање би требало да биде и брзата игра, контра напад, полу-котнра и одлична транзиција и многу движења. Одбраната беше моја посилна страна како играч, така да тоа ќе се обидам да им го пренесам на моите кошаркари. Ние ќе работиме сето тоа да функционира што подобро на теренот.
Можеме ли да очекуваме нови засилувања во тимот?
Ние сме со тимот десетина дена и сеуште работиме на физичката подготовка. Сеуште е рано. Треба да се види како ќе се вклопат играчите и дали ќе има потреба од засилување. Се надевам дека и повредите ќе не одминат, за да не бидеме присилени на таков чекор. Доколку има потреба од засилување, тоа може да се случи по подготвителниот период. На овој тим ќе се даде поголема шанса, и со работа ќе се отсранат одредени киксови кај играчите. Решението нема да го бараме во промена на играчите.
Кои се амбициите на клубот?
Прва амбиција е да се влезе во Супер-лигата. Ако не се пласираме во Супер-лига тоа ќе биде неуспех за нас. Што и да се случи потоа нема да биде трагедија. Пласирањето во Плеј-офот е наша огромна желба, меѓутоа тоа мора да остане во сенка. Останатите екипи имаат поголем буџет од нас, а поголемиот буџет носи и посилни играчи. Она што можеме да го ветиме овој момент е дека сите противници нема да сметаат на сигурни 2 бода против Куманово. Секоја екипа ќе се намачи доколку сака да биде победник. Што се однесува до БИБЛ лигата немаме преголеми амбиции, битно е да се продолжи учеството. Преку БИБЛ лигата ќе ја развиваме екипата. Немаме посебни амбиции, што не значи дека нема да дадеме максимум во конечниот пласман.
Ве плаши ли еуфоријата од првиот тренинг и големите очекувања од јавноста?
Не можам да кажам дека ме плаши, меѓутоа мора да бидеме многу претпазливи. Треба да се знае дека оваа екипа е комплетно нова. Имаме 4 играчи од минатата сезона, и 8 нови кошаркари. Многу погрешно е да се констатира дека ова е многу јак тим и дека титулата сигурно е наша. Ние имам помал буџет во однос на минатата сезона. Ќе треба време додека да се вклопат играчите и да се состават сите коцки. Доколку имаме шанса да ја зграпчиме титулата тоа ќе го сториме. Меѓутоа неможеме од оваа перспектива да кажеме дека имаме супериорен тим. Не треба да заборавиме на МЗТ Скопје кој ќе игра во Јадранската лига, Работнички кој гради одличен тим и останатите екипи.
Секогаш е дискутабилно колкаво искуство му треба на млад тренер пред да превземе одговорност да води прва екипа на некој клуб. Вие досега не сте биле дел од стручен штаб на некоја екипа. Како ќе се снајдете?
Јас ја имам поминато тренинг школата на Партизан преку Душко Вујошевиќ, Жељко Обрадовиќ и професорот Александар Николиќ, кој во тоа време беше советник и присуствуваше на секој тренинг. Ги знам методите на Работнички и МЗТ, и имам десетгодишно репрезентативно искуство. Бев селектор на кадетската репрезентација на Македонија и помошник тренер на Медитеранските игри каде што добив одредено искуство како тренер. Од мојата школа произлезе клуб кој минатата година се натпреваруваше во Третата лига, така што оваа година дебитирам во Прва лига. Тука се и сите семинари и тренерски усовршувања во текот на минатите години. Мислам дека имам акумулирано доволно знаење, а сега имам шанса сето тоа да го имплементирам на терен и да го пренесам на играчите. Свесен сум дека Марин Докузовски, Змаго Сагадин, кои се тренери преку 20 години ќе бидат во предност во однос на мене, меѓутоа Емил Рајковиќ е пример, дека не е погрешен чекорот поранешен играч веднаш да стане тренер. Затоа барам разбирање од играчите, а најмногу од публиката доколку се случи тренерска грешка.
Ќе дадете ли поголеми шанси на младите кошаркари од Куманово? Порано имаше такви обиди но за жал без поголеми резултати. Кумановци бараат повеќе свои деца на теренот, но и резултати.
Во Куманово има многу кошаркарски школи, една од нив е и мојата. Затоа мислам дека децата и младите во Куманово сакаат да тренираат кошарка. Кај нас се мисли дека кошаркар со 17 години е млад, и се смета дека има време за него. Според моите искуства, секој добар играч треба да се стави во оган што порано, да тренира со првиот тим, да му се даде шанса за да ги покаже своите квалитети. Постоеше можност во тимот да има уште еден играч од Куманово, меѓутоа на крај испадна дека за тоа е премногу рано. Треба да започне соработка на школите во Куманово и тука да се црпат нови играчи. Во наредните години сигурно во првиот тим ќе бидат вклучени неколку кумановски играчи, а според нашите проценки некои од нив би требало да бидат во составот од 12 играчи и да имаат своја улога на натпреварите. Апелирам до сите млади кошаркари да тренираат напорно, а на најзаслужните сигурно ќе им пружам шанса. Сепак за тоа треба повеќе време. Бараме разбирање од кумановската кошаркарската јавност и да ја подржи оваа идеја. Некогаш овој модел на развој на наши млади играчи може да даде негативен резултат на семафорот, но долгорочно сигурно ќе има позитивни резултати. Тоа е дел од мојата визија до која ќе се држам без разлика што ќе се случува.
Вие ја добивте вашата шанса во вистински момент и ја искористивте на најдобар можен начин. Какви беа вашите почетоци во кошарката?
Јас со неполни 15 години успејав да влезам во најдобрите 12 играчи на Куманово. Многу е битно млад играч на тие години да биде дел од првата сениорска екипа. Јас во тој тим имав одредена минутажа, 5-10 минути, па се сеќавам во натпревар против Кожув имав постигнато 13 поени. На 15 години тоа е непроценливо искуство и укажана чест од тренерот Раде Георгиевски. Тогаш играв заедно со сега, мојот помошник тренер Страшо Тодоровиќ, кој во тоа време беше одличен играч. Денеска имплементацијата на млади играчи во тимот оди малку потешко. Обично играчите се вклучени, но го одработуваат само загревањето со тимот, а го гледаат остатоткот од тренингот.
Како стигнавте до КК Партизан?
После само една сезона во Куманово, бев забележан од еден човек, кој беше воено лице во Куманово, а имаше контакт со челните луѓе на Партизан во Белград. На негова сугестија, дека постои еден играч кој може да биде интересен, бев повикан на проба од Душко Вујошевиќ. Одкако ги задоволив потребите, на неполни 16 години пристигнав во Партизан. Првата сезона тренирав во првиот тим, но настапував само во јуниорското првенство. Се укажа една шанса и првиот натпревар го одиграв против Задар. Беше тежок натпревар, тогаш почнаа и националните подеби. Тоа беше мојот прв натпревар за Партизан. Следната година клубот го презема Жељко Обрадовиќ, и бев во селекцијата на 12 кошаркари од тимот. Во тоа време во Купот на Шампионите играа 10 играчи, а јас бев единаести-дванаести кошаркар во ротацијата. Александар Ѓорѓевиќ имаше повреда во одреден период, така да играв на негово место. Јас бев јуниор, а во тоа време на моите позиции играа Предраг Даниловиќ, Никола Лончар, Иво Накиќ, Драгиша Шариќ, кои беа големи кошаркари и веќе имаа име на кошаркарската сцена. Политиката на Партизан е дека млад играч мора да игра. Така добивме шанса а подоцна бевме пратени на калење во Борац Чачак, кој беше филијала на Партизан. 1993 година дојде до економска блокада и војната во поранешната држава и сите играчи се разбегаа. Мој избор беше да се вратам во Македонија. Во 2001 година се вратив во Куманово со цел да се одолжам на градот и на оваа публика.
Имате ли конакти со поранешните соиграчи од Партизан?
Највеќе конактирам со Млаѓам Шилобад и Зоран Стевановиќ, кој е претседател на сите категории во КК Партизан. Минатата година често бев на натпреварите на Партизан, се сретнав и со претседателот на клубот Предраг Даниловиќ, а оваа лето требаше да присуствувам на тренерско усовршување.
Екипите на Партизан, Црвена Звезда се репер за професиналност и успешност. Далеку ли е Куманово од таква организација, и можноста да креира таков бренд?
Во времето кога јас пристигнав во Партизан, разликата помеѓу клубовите тука, конкретно Куманово и Партизан беше огромна. Меѓутоа глобализацијата, учеството на Македонија на пет Европски првенства, развојот на кошарката, па и освоеното четврто место во Литванија направи таа разлика меѓу овие клубови и нашите да биде помала, но сеуште има. Новата управа и организација од пред десетина дена има за цел да се приближи кон тоа што го прават белградските гиганти. Ова што го планираме ние не се остварува преку ноќ, и целта е долгорочна. Тоа што го јас имам поминато во Партизан, сакам да го пренесам тука.
Што е исто, а што е разликата на КК Куманово во времето кога последен пат игравте во клубот, и денеска?
Кога јас се вратив во Куманово клубот имаше огромен буџет, и амбиција да преку ноќ оствари голем успех. Тоа не донесе резултат. Треба да поминат од 2 до 4 години па клубот да постигне нешто позначајно. Се создаде огромен притисок врз играчите и клубот, иако имаше 5-6 репрезентативци. Таа сезона игравме финале, што е успех иако јавноста не го доживува тоа така.
Денеска клубот е реорганизиран, и ќе се потрудиме да произведеме поголем број на играчи, да оствариме што поголем успех, да се посветиме на развој на младинските категории. Моделот кој сакаме да го инсталираме е долгорочен.
Дали успевате да го следите Светското првенство и имате ли свои фаворити?
До сега се изиграа неколку кола, така да неможе да се прогнозира. Репрезентациите играат променливо. Не навивам стрикно за никого, меѓутоа ги подржувам Србија и Хрватска. Со Ѓорѓевиќ сме биле соиграчи, и сигурно не е исто кога ја гледам неговата репрезентација во однос на останатите. Фаворити се секако Шпанија и Соединетите Американски Држави. За овие две репрезентации мислам дека ќе го доживеат како неуспех резултатот од оваа првенство доколку не го освојат. Веројатно држи вода оваа изјава на Ѓорѓевиќ дека тие се главни фаворити за злато, а останатите ќе се борат за бронза.
Стефан Николиќ