Мени

Со глоби до 10.000 евра и забрана за вршење на дејност до две години ќе се санкцинираат трговците кои работат нечеснo, најави Бектеши

21.06.2022 22:49 | KumanovoNews

На предлог на Министерството за економија, Владата денеска го усвои новиот Предлог закон за заштита на потрошувачи.

Со глоби до 10.000 евра и забрана за вршење на дејност до две години ќе се санкцинираат трговците кои работат нечеснo, најави Бектеши

„Со овој Закон кој целосно е усогласен со европската регулатива се уредуваат правата и обврските на потрошувачите и на трговците во потрошувачките односи, начините и постапките на заштита на правата на потрошувачите, информирањето на потрошувачите, унапредувањето на знаењето на потрошувачите за нивните права и начините и постапките на нивна заштита, правата и обврските на здруженијата и сојузите за заштита на правата на потрошувачите, правата и обврските на надлежните органи“, објави минстерот за  економија Крешник Бектеши.

Она што е новина и клучно во ова ново законско решение е што се воведуваат, односно се дава посебно внимание на нечесни трговски практики, измамнички трговски практики и агресивни трговски практики при продажба на стоките и услугите, вклучувајќи ги и недвижностите, дигиталните услуги и дигиталните  содржини, како и правата и обврските.

Потрошувачите чии права се повредени со користење на нечесни трговски практики, измамнички и агресивни трговски практики од страна на трговецот имаат право на надомест на штетата која ја претрпеле, имаат право и на сразмерно намалување на цената и раскинување на договорот, додека за трговците следат глоби, санкции и забрана за вршење на дејност.

-За прекршување на одредбите од овој Закон предвидени се и глоби и тоа:
-За микро трговци глоба во износ од 500 до 1.000 евра, а 150 евра за одговорното лице;
-За мал трговец глоба во износ од 1.000 до 2.000 евра, а 250 евра за одговорното лице;
-За среден трговец глобата изнесува од 2.000 до 5.000 евра, а 350 евра за одговорното лице;
-За големите трговци глоба во износ од 5.000 до 10.000 евра, а 500 евра за одговорното лице;
-Глоба во износ од 50 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на физичкото лице, односно на трговецот - поединец за прекршокот.

Во делот на прекршочните санкции предвидена е привремена забрана за вршење на дејност и тоа во траење од три месеци до две години, од страна на надлежен суд за среден трговец и голем трговец и од 15 до 30 дена за микро и мал трговец, од страна на Комисијата за одлучување по прекршок.

На одговорните лица пак е кај правни лица, е предвидена забрана за вршење на професија, дејност или должност во траење од три месеци до една година, од страна на надлежен суд, а кај трговецот-поединец во траење од 15 до 30 дена, од страна на Комисијата за одлучување по прекршок.

Досега оваа директива не е транспонирана од ниедна земја во регионот односно во земјите на Западен Балкан, при што Република Северна Македонија ќе биде првата земја која ќе  воспостави законска пракса на нефер трговски практики.“