×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Кумановка изработува икони и слики од филигрански конец и срма

    18.01.2023 18:30 | Оливера Пешевска

    Кумановчанка Маја Стрика (40) изработи икона „Богојавление“ во техниката филигран и ја подари на црквата „Свети Ѓорги“ во село Тромеѓа, каде за првпат ова година ќе има свеченост со фрлање на крстот и општонародна прослава по повод претстојниот празникот Водици.

    Кумановка изработува икони и слики од филигрански конец и срма

    Нејзина желба е иконата, која го симболизира Христовото крштевање во светите води на реката Јордан од Св. Јован Крстител, секоја година да се пренесува во домот на најсреќниот што ќе успее да го фати крстот и на семејствата да им носи здравје, среќа и бериќет.

    „Идејата е иконата да се подари како амајлија и чувар на куќата на оној што ќе го фати крстот на празникот Водици, а наредната година да се предаде на следниот најуспешен и најсреќен во трката за крстот.Така се надевам дека иконата ќе посети многу домови и ќе донесе здравје и бериќет на домашните“, вели Маја.

    Таа е особено горда на своето најново филигранско дело, а мотив да ја создаде е што во селото е направено мало езерце-рибник и за првпат се организира богојавленски водосвет со фрлање на крстот.

    „Иако живеам во Пуковско, сите жители од околните населби со нетрпение очекуваме и се подготвуваме да присуствуваме на овој чин, па тоа ми беше подстрек да создадам дело кое ќе го подарам за да се пренесува од година на година на сите што ќе пливаат за крстот. Така, на некој начин и јас учествувам во овој свет чин“, вели авторката на ова дело.

     

    Кумановката Стрика се заинтересирала за филигранската техника пред 3 години и прво започнала токму со изработка на икони. Досега има направено повеќе вакви дела, а меѓу нив се иконите на Свети Никола, Света Петка, за празникот Воведение на Пресвета Богородица, Свети Ѓорѓи ја убива аждајата, Свети Стефан, Свети Јован и други.

    „Сите што работат со филигранска техника претежно изработуваат пеперутки, лебеди, бувчиња, а јас сакав да создадам нешто поразлично, па ги избрав иконите за мој главен мотив. Сега работам икони по нарачка, зависно од желбата на клиентите, која слава слават, за имендени на децата и слично. Но, работам и други декоративни слики, на пример лепам срмен конец како декорација на веќе готови фотографии што ги наоѓам на интернет “, вели Маја.

    Таа самостојно го истражувала процесот на изработка, а најголем предизвик и бил кои материјали да користи, на каква подлога, во какви рамки се ставаат делата за да се добие квалитетна и долготрајна филигранска слика. Срмениот конец, украсните камчиња, бисерчиња, цирконите, плиш подлогата се најчестите материјали кои ги користи за изработка на филигранските дела. Сликите кои се направени во 3Д техника,пак, бараат специфични рамки, кои ги изработува нејзин соработник, а останатите слики сама си ги врамува.

    „Срмениот конец може да се најде во многу бои и нијанси, а варира и по дебелина. Малку подебелиот се користи за поставување на рамките и внатрешните структури, а оној потенкиот за пополнување и создавање на целосната слика. За изработка на една помала слика потребни се околу 6 часа ефективна работа, а за поголемите или покомплексните и по повеќе од 16 часа“, објаснува Стрика.

    Со текот на времето, таа ја усовршила филигранската техника, па пoкрај икони почнала да изработува и декоративни предмети кои ги красуваат ѕидовите на кумановчани, но има и слики кои се испратени и во странство.

    „Најбарани се декоративните пеперутки, пауни, цветови, македонското знаме, крстови и други христијански и световни симболи. Во последно време се поинтересни и побарани се и семејните стебла за кои плочките со имињата на предците ги набавувам по нарачка, а дрвото го работам со срмен конец“, посочува Маја Стрика.

    По интернет експанзијата, пак, расте интересот и за фенг шуи филозофијата и други далекоисточни методи и практики за напредок и мир во домот. Така, Маја се обидела и успела да создаде и слика со дрво на парите.

    „Ова е нешто што успеав да го сработам и на што сум особено горда. Деблото е направено со срмен конец, а крошната со евро центи. Голема желба ми е да направам дрво и со наши македонски монети, но тие се поголеми и не знам како сликата ќе ја поднесе нивната тежина. Мислам и дека нема да можам да најдам дени, тие одамна се заминати во историјата“, вели Стрика.

    Сите изработени дела Маjа ги изложува и се достапни за продажба во нејзиното ателје „Уникат“, на улицата „Иво Лола Рибар“. На идеја за отворање на едно вакво ателје, кое воедно е и цвеќара, дошла затоа што во градот нема ваков тип на продажен објект. Најчесто луѓето што изработуваат слики со срма или срмен конец тоа го работат преку социјалните мрежи или во книжарниците или цвеќарите. Вели дека овој бизнис може да биде профитабилен и да се обезбеди живеачка, но дека таа е се уште прилично нова во оваа работа.

    „Има купувачи кои се заинтересирани за моите дела и има побарувачка, но знаат и да бараат даизработам нешто што е посебно и специјално за нив“, вели Маја.

    Ова млада и креативна жена е многу заинтересирана и за други техники, па дури и за нашите народни кои полека паѓаат во заборав, но таа особено ги цени. Сака и да плете и везе, но вели дека времето не и дозволува да посвети внимание и на овие хобија. Таа е мајка на 3 деца и, покрај бизнисот и креативната работа, има и домашни обврски.

    „За да стигнам се да завршам ми помагаат и децата, особено двете поголеми. Преземаат дел од домашните обврски, но сепак јас како мајка и сопруга морам добро да се органзирам за да биде се во најдобар ред. Се знае точно кога што се работи, што мора да се заврши и до кога, па функционирам како по „училишен распоред“. Секако, имам голема поддршка, помош и разбирање од целото семјство“, посочува Стрика.