×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Ленче Каранфиловска: Наместо со болеста, се занимавам со креативна работа

    17.12.2022 16:05 | Оливера Пешевска

    Ленче Каранфиловска (43), прилепчанка одомаќена во Куманово сите предизвици во секојдневието ги пребродува со позитивен став кон животот. Особено сега кога се соочува со борба против тешка болест, па лекот го пронашла во изработка на украсни саксии и декоративни предмети.

    Ленче Каранфиловска: Наместо со болеста, се занимавам со креативна работа

    Иако со ова работа почнала да се занимава неодамна веќе успеала да стане препознатлива кај поширок круг на луѓе. Вели дека има интерес за сите нејзини изработки, а особено е „пребукирана“ со нарачки за новогодишни украси.

    „Поради болеста повеќе седев дома и почнав почесто да пребарувам по социјалните мрежи. Таму видов изработка на декоративни предмети, па си реков да се обидам и јас да ги правам. Пробав, и за среќа ми успеа. Тоа ми помогна да ги канализирам мислите во друга насока, да барам инспирација и идеи. Работата најмногу ме опушта и ме тера емотивно да се соочам со самата себе. Во секое парче има вткаено и дел од мене“, вели Каранфиловска.

    Првото нејзино дело била саксија - лебед, која ја изработила за нејзиниот двор. Кога ја виделе сосетките се воодушевиле и побарале да направи слични и за нив. Тие и биле најголемите промотори кај другите, па брзо и тргнала работата. Почнала да објавува фотографии на фејсбук групи и да добива нарачи од луѓе од градот, но и Кичево, Прилеп, Битола и др. Испораката надвор од Куманово се врши по брза пошта.  

    „За изработка на саксиите и поголемите предмети користам цемент, а подоцна ги бојам со мрсни бои за метал и цемент. Така се поцврсти, потрајни, не се лупат, не бледнеат и убаво се работи со нив. За ситните новогодишни украси за елка, малите венчиња и украси за на маса, пак, користам повеќе природни материјали, а декорирам со ситни ѕвездички, машнички и други ситници“, објаснува Ленче.

    Таа немала претходно искуство во оваа работа, ниту пак некој од семејството покажувал такви афинитети. Но, бидејќи не сакала да се седи дома без работа ја пронашла и ја разбудила креативноста во неа.

    Тешки животни предизвици на храбрата Ленче
     

    Соочувањето со канцерот не и е прва борба на Ленче со тешките и мачни ситуации што и ги наметнал животот, но секогаш била одлучна и храбра, и од денешна перспектива се потврдува дека правилно постапувала.

    Најтешката одлука во животот и била разводот од првиот сопруг од кого трпела семејно насилство. Никогаш не дозволила некој да го забележи тоа, секогаш била насмеана и позитивна, па многумина и не и верувале кога се решила на тој чекор.

    „Работев, но немав кај да одам. Моите ми велеа да ќутам заради децата. Никој не знаеше низ што поминувам и што преживувам, иако ослабнав над 10 кг. за еден месец. Мојата насмевка и позитивниот став кон сите и секого ја камуфлираа драмата, па многумина се чудеа зошто се разведувам. Многу ми беше тешко да ја донесам одлуката за развод, но сега за ништо не се каам. И околината која ме осудуваше сега вели дека сум ја донела најдобрата одлука и сум го избрала најдобриот човек“, се потсетува Ленче.

    Им го украдов на кумановки најдобриот човек

    Денешниот сопруг го запознала преку социјалните мрежи, но од него добила голема поддршка и мотивација да продолжи понатаму. Откако се запознале и видела дека се работи за човек со кој може да го продолжи понатамошниот животот се одлучила да дојде во Куманово со децата од првиот брак. Сите биле топло прифатени од неговото семејство и така го започнале заедничкиот живот. Десет години подоцна успеале да изградат куќа, во која сега живеат спокојно, во хармонија и заедничко разбирање.

    „Успејав да се изборам со тие тешки моменти со помош на мојот сегашен сопруг, кумановец. Им го украдов на кумановки најдобриот човек што постои. Слаѓан е многу позитивен, толерантен и секогаш велиме како да се знаеме 100 години. Ги прифати моите две деца од претходниот брак како свои, а сега имаме и наше, оваа година е прваче“, со насмевка и силни емоции раскажува нашата соговорничка.

    Вториот голем удар во животот Ленче го доживеала пред две години кога и бил дијагностициран канцер на дојка. Ни тогаш не дозволила да падне психички и со насмевка минувала и низ тоа премрежие.

    „Не верувам дека болеста доаѓа од лоша исхрана и нередовен живот. Стресот е она што го уништува човекот и човечкиот организам. Кога мислев дека се поминав, дека ми се решија сите проблеми, ми се остварија сите посакувани желби, живееме во хармонија, здрави и живи ни се децата, напредни и вредни, одлични ученици, имаме мир, слога и разбирање, финансиски сме стабилни, ми се случи болеста, и ми се урнаа сите карти. Ама јас не паднав психички, и не мислам дека треба да се предадам“, категорична е Ленче, која вели дека секогаш настојува сама да се избори со своите стравови и недоумици, и не ги оптеретува другите за нејзината болест.

    Таа додава дека покрај терапијата пациентите имаат обезбедено и советување од психолог, психијатар, невладините организации. Ги советува сите жени кои поминуваат низ било какви животни предизвици да имаат само верба и истрајност.

    Оваа добронамерна жена e и хуманитарка, па секогаш кога е во можност има помага на тие кои се во тешка состојба. Таа има само зборови за пофалба и за лекарите и здравствените работници, нејзините поранешни „газди“, за колешките со кои и ден денес комуницира, за сосетките и членовите на поширокото семејство.

    Позитивноста и топлината со која зрачи оваа храбра жена ја пренесува околу себе, а тоа го почувствувавме и ние при нашата посета во нејзиниот дом. Прекрасните новогодишни декорации на Ленче, се направени со многу љубов и посветеност, со желби за здравје, пријателство и разбирање, што и го посакуваме и ние на неа.