×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Младата и амбициозна докторка Ресмије Асановска чека вработување и сонува да стане врвен невролог

    04.02.2023 17:49 | Жаклина Цветковска

    „Отсекогаш сум сакала да помагам на луѓето.  Хуманоста ја отсликува големината на еден човек и   е дел од принципите и животната етика на еден граѓанин. Тоа значи да се помага секогаш и во секој момент, кому било и на кој било начин, без оглед на верска, етничка и национална припадност. А чувството да станате доктор е нешто најубаво и најхумано. Пресреќна сум што сонот на крајот ми се оствари“.

     

    Младата и амбициозна докторка Ресмије Асановска чека вработување и сонува да стане врвен невролог

    Вака размислува младата докторка Ресмије Асановска од Куманово, која во моментов е единствена дипломирана докторка од ромска националност во општината и пошироко. Има 26 години, а Медицинскиот факултет при Универзитетот Св.”Кирил и Методиј” во Скопје го завршила предвреме, односно наместо за шест за нецели пет години. Како лекар вели дека мотивацијата  за науката директно е поврзана со мозокот, но и со срцето од каде произлегуваат нашите чувства. Во животот ја води мислата на големиот Махатма Ганди според која  хуманоста е океан, ако се заматат неколку капки, нема и целиот океан да биде валкан. 

    „Знаев дека патот да се стане лекар е многу долг и тежок. Затоа прифатив така да  живеам  за да успеам и еве мојата цел се оствари. Студиите по медицина се навистина едни од најтешките. Бараат многу работа, посветеност, емпатија, истрајност, интелигенција, широки познавања. Студентите по медицина во еден долг период од шест години се соочуваат не само со сопствени потешкотии,  тешки испити, туку и со битни животни прашања. Но, во исто време, студирањето медицина е привилегија, за мене е врвна кариера, затоа што ви дава моќ да им помагате на луѓето, да ве почитуваат другите и да чувствувате задоволство од работата на начин што е невозможно да се почувствува во многу други кариери“, вели прекрасната Ресмије, која сите ја викаат  Рени.

    Професорка во сопственото средно училиште

    Оваа амбициозна девојка основно образование завршила во ООУ”Толи Зордумис“, средно образование во ОСТУ ”Наце Буѓони”, профил медицинска сестра/техничар, а по завршувањето на Медицинскиот факултет повторно се вратила во своето средно училиште во Куманово, но овојпат како професорка.

    „Во “Наце Буѓони“ работев како професорка по здравствени предмети во медицинската струка  и бев одлично прифатена од наставниот кадар и од учениците. Наставничката професија е една од најблагородните која се одликува со одговорност и посветеност. Добриот наставник треба да биде прав педагог и психолог, да биде личност и пример во воспитно-образовниот процес , да знае како да воспостави комуникација и интереакција со младите и да го одржува кодексот на однесување во континуитет. Воопшто не се виновни учениците ако наставникот не умее да го организира и одржи часот како што треба. Тоа само ја потврдува неконтролираната демократија во текот на часот од која не се извлекува апсолутно никаква морална поука, а најмалку знаење од часот. Јас овие работи ги научив од моите ценети професорки и професори со кои станавме и колеги на училиште, а  тие беа горди што јас предавав таму, бидејќи бев и најдобрата ученичка во тоа училиште“, појаснува Рени.

    Особено е горда што била голема мотивација за нејзините ученици да се запишат на Медицинскиот факултет во Скопје и во Штип и се надева дека ќе станат добри доктори и нејзини  драги колеги во иднина. Сепак, и покрај огромната љубов кон педагошката работа преку која го пренесува своето знаење и искуство, Рени својата иднина ја гледа во докторската практична работа, а еден ден сака да биде ценет невролог.

    „Се надевам дека како млада и амбизиозна докторка, и како единствена докторка од ромска националност, ќе се најде некое работно место за мене. Моите планови се најпрвин да се вработам, нормално би сакала во мојот град Куманово, а потоа да отворам приватна здравствена установа и да продоложам со специјализација на неврологија“, ги открива своите планови Рени.

     

    Образованието е мојот магичен летечки килим

    Таа потекнува од образовано и ситуирано семејство во кое сите членови се посветени на медицината , освен  нејзиниот татко кој е дипломиран професор по одбрана и заштита и работи како инспектор по крим техника во СВР  Куманово. Мајка и е медицинска сестра во Здравствениот дом во Куманово, исто како и нејзината сестра која живее и работи во Шведска, а нејзиниот брат е апсолвент на Фармацевскиот факултет, насока лабораториски биомедицински инженер.

    „Моите родители секогаш ми велеа дека постојано треба да учам и да имам одлични оценки, и дека лекарот треба да биде добар психолог и грижлива личност. Овие години при моето студирање ми го покажаа патот кон живот, ме научија да бидам издржлива и да опстојам зад моите одлуки. Секогаш ми велат дека образованието е мојот магичен летечки килим. Не е ни чудо што велат учењето е светлина, а незнаењето е темнина. Недостигот на знаење е темнина што го замаглува погледот и не дозволува да се види вистинскиот пат, сите можности и препреки“, објаснува младата докторка.

    Колку образованието е важно во семејството Асановски зборува и податокот што бабата на Рени била првата девојка која завршија Економско училиште и работела како службеничка, а дедо и завршил Техничко училиште во време кога ретко кој од Ромите имал средно образование. 

    Главната причина за дискриминација не е етничка припадност, туку економскиот фактор

    Токму посветеноста на образувањето  била пресудно Рени да израсне во самосвесна, самоуверена  и самостојна млада девојка на која не влијаеле  предрасудите и дискриминацијата на ромската заедница.

    „Немам почуствувано  било каква дискриминација во текот на моето школување и во мојата средина каде што живеам. Можеби затоа што бев најдобра ученичка во основно и средно училиште, што моите родители се образовни, или пак затоа што не живеав во околина со Роми. Но,  искрено, јас имав  предрасуди во детството кон учениците кои помалку знаеле од мене или кога гледав дека непримерно се однесуваат, па не сакав да се дружам со нив. Според мене, главната причина за дискриминација не е етничка припадност, туку економскиот фактор. Обично се дискриминираат сиромашните, немоќните, но парите не можат да ги заменат љубовта и хуманоста во животот“, смета Рени.

    Таа вели дека е благословена од Господ што е Ромка, бидејќи тие  важат за луѓе со изразена интелегенција, комуникативни се  и забавни,  се борат до крај  за да си ги добијат своите права и заслуженото место во општеството. Најчестите причини за предрасудите кон Ромите, пак, ги поврзува со нискиот степен на образование на родителите, социо-економскиот статус, невработеноста,  сиромаштијата, традицијата, како и посебните обичаи на  живеење. Смета дека ромското население  не обрнува многу внимание на своето здравје,што се должи на финансиската ситуација, па затоа треба да им се овозможат бесплатни прегледи за  разни испитувања, особено за социјално-ранливите групи. 

    „Проблемот е што самото население не е доволно едуцирано и што нема кој да ги потикне да се грижат за своето здравје. Ромското население не е доволно запознаено со контрацепцијата и затоа слушаме за повеќе Ромки како имаат сексуално преносливи инфекции, предвремено родени деца , нередовна вакцинација“, посочува младата Рени.

    На младите Ромки им порачува да веруваат во себе,  да се борат за подобро место во општеството и во училиштето, да не се срамат од тоа што се ,бидејќи Ромите се мирољублива нација која не бара многу за да биде среќна.

    „Ромите се напредни, чесни и добри луѓе, а ќе бидат уште подобри кога уште повеќе ќе учат и ќе се издигнат во општеството. Јас секогаш се борам за самата себеси, не сум личност која нештата ги добива како подарок,  туку со заслуга. Овој факт ме прави уште поборбена, поиздржлива и спремна за ризици кои животот ги носи. Успехот не е привилегија на паметните и учените луѓе,  туку на упорните и истрајните. За да успееш, треба да имаш храброст да продолжиш после секој неуспех“, категорична е оваа одлучна докторка.

    Рамноправноста е единство и заедничка работа,, а не надмоќ на едните над другите“

    Истовремено, Рени е и поборник за родова еднаквост и посочува примери на жени на лидерски и значајни позиции во разни сфери од општествениот и политичкиот живот, кои ја докажале својата професионалност, способност и успешност и се здобиле со почит токму поради тоа што се жени.  

    „Но зарем тоа „токму поради тоа што се жени“ не ни укажува дека сè уште нешто недостасува во оваа приказна. Растеме со тоа како жените некогаш се избориле за своите права, но дали таа битка е завршена? Иако голем дел од нас уживаат во тие права, правата слободно да го изберат својот партнер, да се образуваат, да се вклучат во сите сфери на општествениот и политичкиот живот, сепак дури и во круговите на луѓе кои се високо образовани се среќаваме со разни видови стереотипи и препреки за жените.  Да ги отвориме очите и да сфатиме дека рамноправноста треба да означува единство, заедничка работа, творење и уживање во животот, а не надмоќ на едните над другите“,порачува Асановска.            

    Воопшто не е исплашена дали како млада лекарка може да се соочи со недоверба од страна на пациентите и вели дека и докторите се пациенти како и секој друг пациент кој е личност со сопствени ставови,  вредности и очекувања.

    „Пациентите очекуваат докторот да има знаење за здравјето и болеста со која се соочуваат, да им помогне и да им дозволи да учествуваат во процесот на дијагностицирање  и медицински третман. Но, мора да се има предвид дека секој пациент е под влијание на многу фактори, вклучувајќи ја културната позадина, физичката и емоционалната состојба, искуствата од детството, поранешните врски со родителите, како и претходното искуство со болестите и со докторите.  Секој е поединечен случај и докторот мора да обезбеди соодветен пристап“, став е на оваа докторка.

    Ресмије за себе вели дека е грижлива  личност, хумана, одговорна, чесна,  амбициозна,искрена  и вредна девојка. Секогаш со насмевка на лицето и секогаш работите ги гледа во позитивна насока. Како и секој млад човек, сака модерно да се облекува, да патува, да учи нови нешта, да се справува со предизвици. Истовремено, е авантурист, чита книги,  пишува поезија и најмногу го сака своето внуче од сестра и во Шведска. Подготвена е по цел ден да зборува за медицината и хуманоста и да им влева верба на луѓето околу себе..