Мени

Советот го изгласа ДУП-от за изградба на маркетот „Лидл“ кај поранешен „ЧИК“

18.05.2026 13:08 | Сузана Николиќ

Советниците од мнозинството го изгласаа предлогот за измена на Деталниот урбанистички план (ДУП) на локацијата каде што треба да се гради маркетот на германската компанија „Лидл“.

Советот го изгласа ДУП-от за изградба на маркетот „Лидл“ кај поранешен „ЧИК“

Станува збор за парцела на влезот во Куманово, со површина од 42.000 квадратни метри, на местото на поранешен „ЧИК“ Куманово.

Станува збор за Предлог-одлука за измена и дополнување на Деталниот урбанистички план за дел од УЕ „Тоде Мендол“, дел од УБ 63, со плански опфат меѓу улиците „1“, „ЈНА“, „2“, КП 16793, „3“ и КП 16369/2 – Општина Куманово.

„Според Генералниот урбанистички план, во овој ДУП е предвидена лесна загадувачка индустрија и магацини. За ДУП-от имаме добиено согласност од Министерството за транспорт и врски дека планот е изработен согласно сите законски и подзаконски регулативи. Овој детален план се состои од две градежни парцели, а основната измена е пренамена од Г2 – лесна индустрија, во индустрија за склопување финални производи, производство на електронски елементи за домаќинство, накит, прецизни производи и друго. На овие две парцели ќе има мали единици за комерцијални и деловни дејности, како и големи трговски единици“, изјави раководителката Ана Поповска.

Координаторот на советничката група на СДСМ, Томица Илиќ, ги повика советниците да не го поддржат ДУП-от и да покажат интегритет во интерес на граѓаните.

„Сакам да ве потсетам на некои работи кои добро ги знаете – дека во денешниот ДУП е вклучена парцела која до пред неколку години била во сопственост на семејството на градоначалникот. Тоа е најбезобразната и највулгарна работа што му се случила на Куманово во поновата историја. Тоа ја отсликува целата работа на сегашната владејачка гарнитура, но ние можеме да застанеме на патот“, рече Илиќ.

Тој додаде дека не е против „Лидл“ да дојде во Куманово и дека не се сомнева во искреноста на нивните бизнис намери, но дека му пречи начинот на кој, според него, се злоупотребува името на оваа угледна компанија.

Советникот на Левица, Виторио Зафировски, праша зошто во 1981 година, кога била изградена фабриката „ЧИК“, некој одлучил тој простор да биде оставен како тампон-зона кон автопатот како заштита од бучава, а по распадот на поранешната држава таа зона била вратена преку процесот на денационализација и потоа е продадена.

И покрај забележките на опозицијата со 17 гласа за и 7 против, одлуката за промена на ДУП-от беше донесена. 

Нацрт-одлуката за отворање на ДУП-от беше изгласана пред една година и тогаш предизвика голема расправа меѓу советниците од претходниот состав.