Мени

Претставата „Крв не е вода“ повторно пред кумановската публика

18.05.2026 10:20 | KumanovoNews

Во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово, вечерва со почеток во 20 часот повторно ќе биде изведена претставата „Крв не е вода“, во изведба на ученици од Гимназијата „Гоце Делчев“.

Претставата „Крв не е вода“ повторно пред кумановската публика

Премиерата на претставата беша на 5 мај- во рамките на одбележувањето на јубилејот, 80 години постоење на Гимназија „Гоце Делчев“ – Куманово.

Текстот е на ученичката Мила Димковска од IV-1 клас и претставува драмски спој меѓу „Чорбаџи Теодос“ од Васил Иљоски и „Диво месо“ од Горан Стефановски. Претставата на современ начин го прикажува животот на македонското семејство, а режијата е на професорката Соња Тодоровска.

„На сцената настапуваат ученици од втора и четврта година, кои преку својата игра носат силна младинска енергија и автентичен израз, обработувајќи ги класичните мотиви во современ контекст близок до денешната публика. Драмскиот клуб не е само воннаставна активност, тој е училница за живот. Тука учениците учат да зборуваат, да слушаат, да чувствуваат, да соработуваат и да веруваат во себе. За мене, најголем успех не се само аплаузите и наградите, туку младите луѓе кои излегуваат од овој процес похрабри, посигурни и подготвени да го изразат својот глас“, истакнува професорката Тодоровска, која го води клубот.

Драмскиот клуб годинава одбележува 15 години активно творење.

Во изминатите години клубот реализирал бројни значајни театарски проекти, меѓу кои и авторски ученички претстави како „Г-ѓа Авганистанка“, „Кој е овде луд“, „Лунатик“ и „Колку чини промената“, како и адаптации на дела од автори како Бранислав Нушиќ, Горан Стефановски, Коле Чашуле и Карло Голдони.

Особено се издвојуваат фестивалските успеси на ДАФ Кочани, каде драмскиот клуб освоил награди за главна женска улога, споредна улога, текст и режија. Клубот успешно се претставил и на меѓународните драмски фестивали во Требиње, Република Српска, како и на фестивалот „Фестимир“ во Земун, Србија.

Во поновата продукција се вбројуваат и претставите „Нашата Коштана“ (2022), реализирана со ученици од четврта година и изведена на фестивал во Белград, како и „Тој, мое срце, лупа за тебе“ (2023), која имаше и хуманитарна реприза.