×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  •  Нема „нормален“  затворски живот без мито и корупција

    01.07.2022 12:23 | KumanovoNews

    Јавна тајна е дека во нашите затвори царува корупцијата. Дали последниот полициски претрес во КПД „Идризово“ ќе ги поттикне институциите да работат и конечно да почнат да се справуваат со корупцијата во затворите?

     Нема „нормален“  затворски живот без мито и корупција

    Граѓанин кој се огрешил пред законот и е осуден на казна затвор, се праќа да ја одлежи казната за да се ресоцијализира, за кога ќе биде ослободен да биде корисен за општеството. Така е на хартија. Но, во реалноста сликата е сосема поинаква.

    Не постои ресоцијализација. Постои борба за опстанок. Борба за „нормален“ затворски живот кој чини многу пари. А тие пари, не ги зема државата, туку завршуваат во џебовите на некои од припадниците на затворската полиција или на управата во установите. Така барем велат поранешни и сегашни затвореници, адвокати  и претставници на граѓанскиот сектор.

    Од друга страна пак,  државните институции досега многу ретко повеле постапки за корупција во затворите. По инцидентот кој се случи на 14 јуни годинава, кога полицијата со судски налог упадна во КПД „Идризово“, и пронајде и заплени дрога, мобилни телефони, ладно оружје и други забранети предмети, надлежните најавуваат порешително справување со овој проблем.

     

    Само со поткуп до затворски привилегии

    Коста С. е поранешен затвореник, кој три месеци бил во притвор во „Шутка“ и речиси осум години во КПД „Идризово“. Тој категорично тврди дека и во двата затвори во кои престојувал, царува поткупот.

    Поткупот на затворската стража или на одредено лице од затворската управа започнува со самото влегување во затворот. Ова уште на самиот почеток како совет ќе го слушнете од постарите затвореници“, вели Коста и додава: „За да добиете поубав кревет и постелнина треба да „ургирате“ кај некој од стражарите или кај командирите. Истото важи и ако сакате да бидете сместени во подобра соба, во која нема влага и не е  премногу ладно во зима“.

     Според Коста С.:  „Во затвор најскапо е да се купи телефон, кој може да ви го продаде некој од затворската стража, за добра сума. Како за илустрација, телефон без интернет чини најмалку  3.000 денари. Телефон со сим-картичка и интернет чини најмалку 200 евра. Тоа не значи дека можете вечно да го имате. Доколку не сте во добри односи со стражата, лесно ќе ви го најдат при претрес и ќе ви го одземат, па потоа ќе бидете принудени да купите нов“.

    Најтешко е кога треба да се добијат пакетите испратени од дома. Коста вели дека доколку сакате пакетот да го добиете цел треба да „почестите“ најмалку 500 денари.

     „За да ви се дозволат посети, исто така, треба да подмитите некој од надлежните. Доколку сакате да се сретнете со сопругата или сопругот, во собата за „интимни контакти“, претходно треба усно да се најави и тоа ќе биде одобрено само доколку некого „почестиш“, без разлика што користењето на собата е нешто што  законски ти следува“, раскажува Коста С.

    Иста мака има и осуденикот А.Р. кој издржува казна затвор во „Идризово“,  и вели дека најмногу бил „ракетиран“ од осуденици и од чувари кои работат во тандем: „За секоја штека цигари која ми ја праќаат од дома плаќам „такса“. Еднаш кога ме болеше заб со „мала пажња“ од 3.000 денари за еден од чуварите, ми беше организирана посета на забар. На враќање морав да ги почестам сендвич и пиво затворските чувари кои ме спроведоа“.

    А.Р. додава дека во затворот илегално може да се набави се, од техника до екстра јадење и дрога: „Таа се внесува од страна на некој осуденик кој користи викенд отсуство или има слободен ден. Потоа, дрогата им се предава на одредени лица, вработени во затворот. Цената на дрогата во затворот е три пати поголема од таа на „црниот пазар“.

    За време на пандемијата од Ковид-19, според нашиот соговорник, најмногу се барале витамини, маски и лекови. Во тој период се свртела огромна сума пари за илегална набавка на овие продукти .

    „Што ќе се лажеме дека затворските чувари не земаат поткуп. Па, само да им го видите приватниот возен парк  и ќе ви биде јасно дека со нивните мали плати тоа не е можно да се купи“, заклучува А.Р.

     Ценовник за секоја затворска поволност

    Адвокатот Ѕвонко Давидовиќ ја надополнува приказната што ја раскажуваат затворениците. Вели дека во затворите многу работи се шверцуваат и дека постои голема корупција во самите казнено-поправни институции.

    Се шверцува речиси се, а посебно батерии за мобилни телефони за кои има голема побарувачка меѓу затворениците. За постоењето поткуп и корупција ќе ви изложам еден пример. Во една акција на полицијата беше уапсен германски државјанин. Кога тој беше сместен во затвор му беше одземен скап и модерен мобилен телефон и значителна сума пари. Затворските чувари го малтретираа странецот да си ги побара одземените работи од надлежните во затворот. Штом странецот ги доби телефонот и парите, некои од стражарите му ги одзедоа. Овој случај беше пријавен и кај надлежните истражни органи, но предметот заврши во нечија фиока, и досега не сум слушнал дека имало обвинение или судска постапка“, нагласува адвокатот Давидовиќ.

    Неговиот колега, адвокатот Никола Стојановски од многу осуденици слушнал дека во затворите (особено во затворот Идризово) има ценовник за секоја поволност односно за сето она што некој осуденик сака да го набави дополнително од она што му следува во затворот.

    Мои клиенти ми кажуваат дека на пример, си купиле поубава постелнина од онаа што им била дадена во затворот. Една клиентка имала поволности само затоа што била фризерка, па бесплатно им правела фризури на командирките“, објаснува адвокатот Стојановски.

    Тој додава дека затворениците, исто така, може да играат спортска, но за тоа постои посебен ценовник: „На пример, ако сакате да уплатите ливче за 500 денари, исто толку бакшиш треба му дадете на стражарот кој ќе ви го уплати ливчето. Ако ливчето е добитно тогаш  дел од добивката оди за затворскиот работник и за честење“, вели Стојановски.

     

    Сите слушнале, но никој не пријавува

    Тврдењата на затворениците и адвокатите за постоење корупција во затворите им ги предочивме на претставниците од Канцеларијата на Народниот правобранител, и прашавме дали досега добиле пријава од некој затвореник. Според нив, собирањето и ажурирањето информации за евентуален поткуп на затворски службеници не е во  надлежност на Омбудсманот, туку за тоа се надлежни други државни институции. Сепак, и тие велат дека слушнале за вакви незаконитости во затворите во државава.

    Нашите соговорници се сложни дека има корупција во затворите. Тие што се во затвор или веќе излегле од него, додаваат дека за затворската корупција многу малку се говори јавно бидејќи самите осуденици не сакаат да ја пријават, за да не ги изгубат веќе добиените (платените) привилегии во затворот каде ја отслужуваат казната.

    И Ина Џугуманова од Хелсиншки комитет за човекови права, вели дека досега не добиле пријава од некое осудено лице и додава: „Не сме добиле пријава за евентуално побаран или даден поткуп, бидејќи тоа не им оди во прилог на осудените лица. Со самото поднесување на пријавата ќе им бидат скратени сите погодности во установата“.

    Од управата на најголемиот затвор во Северна Македонија, К.П.Д. „Идризово“ тврдат дека и до нив пристигнуваат информации за поткуп или земање мито, но не и пријави.

     „Ја следиме ситуацијата и ако дознаеме или ако ни посочат, со сигурност реагираме“, велат надлежните од Управата за извршување санкции под чија надлежност се сите 11 затвори во земјава.

    Но, пред неколку дена, заради тепачка на двајца затвореници, полицијата со судски налог влезе во затворот „Идризово“, а со цел да ја испита причината за овој инцидент. За време на претресот, кај затворениците биле пронајдени и запленети многу забранети предмети. Во акцијата биле направени проверки во 25 ќелии, а дел од предметите биле пронајдени и меѓу затворениците осудени за случајот „Диво Насеље“. Тие се осудени на доживотен затвор. Кај нив полицијата пронашла мобилни телефони и компјутери.

    Овој настан ја разбранува јавноста, а надлежните институции преку прес-конференции се обидоа да го адресираат проблемот со корупцијата во затворите, на кој пак, посочуваат извештаите на Стејт депарментот и на Комитетот на Советот на Европа за спречување тортура и нехуман или понижувачки третман.

    Распространетата корупција на затворскиот персонал беше значаен проблем во затворскиот систем“, се вели во Извештајот за човековите права во Северна Македонија за 2021 година, на Стејт департментот. Иста забелешка е нотирана и во последниот извештај на  Комитетот на Советот на Европа за спречување тортура и нехуман или понижувачки третман, кој ги повикаа македонските власти да ги засилат напорите за борба против корупцијата на персоналот во казнено поправните установи.

     Затворскиот менаџмент во сржта на проблемот

    Министерот за правда, Никола Тупанчевски, на прес-конференција изјави дека ќе бара одговорност за тоа што во претресот биле најдени дрога, ладно оружје, мобилни телефони, и додаде дека обвинителството собира докази и дека никој нема да биде поштеден: „Некој дозволил, ги пренел ладното оружје, дрогата, телефоните и другите забранети предмети во затворот, Одговорност ќе има по градација, но да ја оставиме истрагата да ги обработи доказите“.

    Министерот ја нагласи препораката добиена од Комитетот за заштита од тортура и нечовечко постапување при Советот на Европа, според кој проблемот е во раководството на затворот: „Пред две недели во посета на КПД „Идризово“ беа претставници од Комитетот за заштита од тортура и нечовечко постапување, од Советот на Европа. Меѓу другото, препорачаа да се интервенира во делот на затворскиот менаџмент. Според нив, има лица кои се именувани во раководството на Идризово, а не ги исполнуваат условите за тоа“.

    Директорот на затворот „Идризово“, Реџеп Реџепи, пак, ни рече дека никој од затворската полиција нема да биде казнет за тоа што во установата се пронајдени ножеви, дрога и телефони. Тој објасни дека од неодамна затворот има најсовремен детектор за контрола на се што влегува во затворот и дека засега нема објаснување како предметите кои се пронајдени во затворските ќелии минале низ контролите на затворските полицајци.

    Платите кои ги земаат припадниците на затворската полиција изнесуваат максимум 25.000 денари,. Во оваа сума влегуваат ноќни смени и дежурства. Не сакам да коментирам дали има корумпирани затворски полицајци, но ако се добро платени ќе работат подобро и ќе има помалку корупција“, вели С.А., вработен како затворски чувар во еден од скопските затвори.

    Од Независниот синдикат на затворските чувари велат дека можеби има случаи на корупција, но дека тие се решаваат и нагласуваат дека станува збор само за поединци кои го прекршиле законот.

    Очигледно е дека државните институции надлежни за спречување на корупцијата во затворите, се уште се пасивни и недоволно ефикасни во справувањето со овој исклучително голем проблем. Најновите случувања, како и препораките на Стејт департментот и Комитетот за заштита од тортура и нечовечко постапување при Советот на Европа, треба да претставуваат предупредување и поттик за сериозен и бескомпромисен системски и систематски приод за спречување, откривање и санкционирање на корупцијата во затворите.

     

    Oвaa новинарска сторија е подготвена од Горан Наумовски, ангажиран од НВО Инфоцентар со поддршка на американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД). Мислењата изразени во оваа новинарска сторија му припаѓаат на авторот и не ги изразуваат ставовите на Агенцијата на САД за меѓународен развој или на Владата на Соединетите Американски Држави.

    2008 - 2022 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk