×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Од мрежа за интересни и креативни видеа, Тик Ток стана место на опасни предизвици

    27.02.2022 09:11 | KumanovoNews

    Вкупно десет пријави за загрозување на безбедноста на децата и младите тинејџери кои ја користат социјална мрежа Тик Ток досега пристигале до МВР. Од нив еден настан е на територијата на Куманово, а се работи за видео на кое е снимено лице како пука со пиштол кој го поседувал без дозвола, а потоа го објавил на Тик Ток. Настанот се случил минатата година, а лицето е од село Опае и против него е поднесена соодветна пријава.

    Од мрежа за интересни и креативни видеа, Тик Ток стана место на опасни предизвици

    Пријавените случаи доволно говорат за опасностите кои ги демнат младите на социјалните мрежи, а особено на, во моментот, најпопуларната и најпримамлива мрежа за најмладите Тик Ток. Иако, првично креирана за да се споделуваат забавни и креативни содржини, оваа социјална мрежа за кратко време прераснува во опасно место кое има далекусежни последици врз животот и здравјето на младите, а особено врз нивните личности.

    „Тик Ток првично беше наменет за објавување на интересни и креативни видеа, а за неполна година стана место на опасни предизвици. Од она што досега имав можност да го видам, забележително е дека се промовираат националистички идеи, оружје, опасни предизвици и омраза. Ги има премногу, и секое второ видео е типичен говор на омраза, видео во кое јавно се промовираат борби со кучиња, пукање со калаши во населено место, тепачки, бесно возење. Многу од нив лично сум ги пријавувала во МВР, по што биле преземени акции, како што е, на пример, случајот со детето што пука од пиштол или возењето на автомобил среде плоштад“, вели Маја Крстиќ, новинар во ТВ 24, мајка на малолетно дете.

    Таа, всушност, го отвора и прашањето колку родителите се запознаени со активностите на нивните деца на социјалните мрежи, дали со нивна дозвола или нивна сметка користат Тик Ток или отвораат лажни профили, што објавуваат, што следат? Досегашните истражувања покажуваат дека родителите многу малку знаат за платформата Тик Ток, а уште помалку што прават нивните деца на оваа мрежа. 

    „Тик Ток е креативна мрежа за некој кој знае како да ја користи правилно, но самата мрежа треба да воведе забрана за видеа што промовираат опасни и штетни предизвици, како што тоа го прават Фејсбук и Инстаграм. Има многу видеа во кои малолетни девојчиња се снимени пијани, разголени и кои потоа масовно се делат со други со единствена цел да се понижат и исмејуваат. Дел од нив не знаат да се справат со такви ситуации, што може да доведе до трагедија. Прашање на момент е кога на оваа мрежа ќе почнеме да гледаме снимки од убиства. Моето дете ги знае овие опасности, па затоа има профил, но без објави“ вели Крстиќ.

    Оваа платформа можат да ја користат малолетници со навршени најмалку 13 години, но често и помлади лица отвораат профили под лажно име или со лажни податоци и споделуваат видеа. Сето ова лесно може да излезе од контрола, а децата да не се свесни што се случува.

    Шеснаесетгодишен средношколец од Крива Паланка, објаснува дека оваа социјална мрежа е најмногу користена од основците, додека средношколците веќе се имаат „заситено“ од неа и главно се насочени на Инстаграм.

    „Како и кај останатите социјални мрежи, и на Тик Ток постојат одредени злоупотреби и опасности. Не толку во крадење на идентитет или наседнување на замки од непознати, колку од она што го нарекуваме „хејтање“, односно навреди, омаловажување, злобни пораки, па дури и говор на омраза“, вели средношколецот.

    Бојан Кордалов, комуниколог –специјалист за односи со јавност и нови медиуми вели дека постои тренд кај младите луѓе, а тоа се однесува на постојаното барање, откривање и отворање на профили на нови социјални мрежи кои нудат различни содржини и креираат нови трендови.

    „Но, можеби, најважно од сѐ, бараат простор или место каде ќе бидат со своите врсници и без „мониторинг“, односно присуство на нивните родители или баби и дедовци. Тоа го видовме на почетокот со Фејсбук, потоа со Инстаграм, а денес со Тик Ток, Снеп чет и други мрежи“, појаснува Кордалов.

    Споделувањето на лични болни искуства може да направта погрешна перцепција кај младите. Ажда Агуш, студентка од Куманово и тиктокерка, објаснува дека негативната страна на Тик Ток е во тоа што изобилува со премногу информации, кои не се проверени, ниту издржани и можат да создадат искривена слика кај младите за некоја појава или однесување.

    „Младите, особено децата и малолетниците кои се уште не се оформени како личности, прифаќаат непроверени информации, лоши примери, изопачени приказни и негативни видеа, кои можат да им создадат проблеми во натамошниот развој. Присвојуваат работи кои се деструктивни и ги перципираат како правилни. Ова важи и за лабилните личности, кои се многу сугестивни и прифаќаат се што ќе видат“, вели младата тиктокерка, која повеќе не е толку активна на оваа социјална мрежа.

    Таа особено предупредува дека предвид треба да се има тоа што Тик Ток нема граница, нема лимит што може да се споделува, а што не, па се почесто млади луѓе, особено оние од Америка и западноевропските земји се осмелуваат да споделат многу трогателни лични искуства, со цел да ги предупредат другите. Но, тие многу негативно делуваат на психата на младата личност, особено на децата и малолетните лица.

    „Се работи за искуства во кои детално се опишува силување, болни и интимни работи, кои може да ги гледа секој кој има Тик Ток. Доколку децата ги гледаат тие видеа можат да заклучат дека тоа е пракса во светот и не е ништо страшно ако им се случи нешто такво. Затоа, треба многу да се води сметка од родителите што им гледаат децата на Тик Ток и на останатите мрежи, за да не дојде до несакани последици“, вели Агуш.

    Тиктокерката Фросина Јованова (26) од Радовиш вели дека опасностите и злоупотребите главно се однесуваат на коментарите, кои можат да бидат навредливи, заканувачки или тотално несоодветни.

    „Знам една Тик Ток група на тинејџери која се занимава исклучиво со навреди и делува многу негативно. Затоа, многу е важно да внимавате на кого ќе му дадете пристап да ве следи, а личните податоци не мора да ги објавувате јавно, можат да бидат сокриени, ако сакате да се заштитите. Јас, на пример, имам следбеници кои се возрасни, но има и мали деца, кои ми упатуваат убави пораки. Честопати преку нивната сметка ми се јавуваат и нивните мајки со кои разменуваме коментари, забелешки, искуства“, вели Јованова.

    Едукацијата во училиштата од суштинска важност

    Родителите, посочува уште еден суштински проблем поврзан со Тик Ток, а кој се однесува на училиштата, каде велат апсолутно нема никаква контрола врз учениците.

    „Телефоните не се одземаат пред настава, а децата ги користат за да се одмаздат на наставниците, да ги снимаат и потоа да ги исмејуваат. Се снимаат несоодветни нешта за нивната возраст, без да размислат дека едно видео ставено на интернет засекогаш останува таму“, посочува оваа мајка на малолетно дете.

    Наставничката по информатика во ООУ „Јоаким Крчовски“ од Крива Паланка, Наташа Колевска, пак, вели дека токму од овие причини за време на часовите на учениците не им се дозволува да ги користат телефоните, освен ако не се работи за одредена методска единица и тоа под постојана контрола на наставникот.

    „Тик Ток е многу популарен меѓу основците и колку што знам не го користат за некои корисни работи, што можат да им послужат во учењето или едукацијата. За нив тоа е начин да се направат поинтересни, попопуларни и позабавни за јавноста преку снимање на кратки видеа. Затоа, ние во училиштето постојано разговараме со нив на оваа тема и се трудиме да им ги посочиме сите замки на кои што можат да наидат. Воедно, постојано им укажуваме дa не користат Тик Ток додека не завршат основно образование, односно да ги почитуваат правилата на оваа платформа“, посочува Колевска.

    Наставничката укажува дека тие држат и работилници за заштита и безбедност на интернет, дека секој втор вторник во месец февруари е посветен на оваа тема, а истовремено во училиштето се спроведуваат и активности за медиумска писменост за да се подигне свеста кај младите за комуникацијата на социјалните мрежи.

    „Истовремено, постојано апелираме социјалните мрежи, меѓу кои и Тик Ток да ги користат за да ги покажат своите вистински квалитети, да презентираат иновации или содржини преку кои ќе се образуваат и едуцираат нивните врсници. Ова особено се однесува на помалите основци, кои се и најподложни на манипулации и злоупотреби“, вели Колевска.

    За комуникологот Кордалов контролата значи доверба, разговор и воспитување, но и давање на личен пример.

    „Не постои доволно силна контрола, ако ние како родители цело време сме на нашите мобилни телефони. Неминовно нашите деца ќе немаат правила за користење на технологијата и интернетот, односно ќе поминуваат енормно време во виртуелниот свет. Токму од нас зависи на што ќе се фокусираме и што ќе превагне. Доколку зборуваме за децата, одговорноста е кај родителите, учителите, наставниците и воопшто возрасните. Дали и колку ќе ги научиме децата од најмали нозе што е тоа дигитална писменост, дали ќе им покажеме каде се наоѓаат корисните информации и апликација, што е она кое е позитивно и вистинито, а што е она спротивното. Само на ваков начин можеме да им дадеме дигитално образование и дигитален имунитет на децата за цел живот“, смета Кордалов.

    Тик Ток сепак има и светла страна

    Покрај бројните негативни примери од користењето на Тик Ток, тиктокерите ја истакнуваат и позитивната страна на платформата како што се едукативни видеа, вештини за готвeње, кореографии за танци, музика и др.

    Кривопаланечкиот средношколец посочува дека може нешто од Тик Ток да биде и полезно, затоа што има и одредени едукативни содржини.

    „На пример, мене ме интересираат музичките видеа од кои можам да научам одредени техники за свирење на гитара и ги гледам нив“, вели тој.

    За тиктокерката Јованова, пак, оваа социјална мрежа е иднината на комуникацијата и поврзувањето во светот

    „Пишаниот збор се повеќе се заменува со визуелната презентација преку кратки видеа, што ја нудат информацијата за кратко време и на многу повпечатлив и поприемлив начин, кој го задржува вниманието на публиката. Тоа е како мини ТВ каде што можеш да листаш програми од цел свет и да одбереш што ти се допаѓа“, вели новопечената тиктокерка Јованова.

    Таа посочува дека нејзиниот профил е брзорастечки, иако не е поддржана од никого. Објавува интересни видео рецепти и веќе има повеќе од 4 милион прегледи, 18.400 следбеници и над 200 илјади лајкови.

    „Со користењето на Тик Ток гледам можност за започнување на бизнис, иако кај нас тоа е се уште на почеток. Јас посетувам и вебинари за бидам што поуспешна, да ја изградам својата мрежа и да обезбедам соодветна целна група. Во Европа и светот на овој начин поединци многу заработуваат, но тоа се пред се популарни и познати личности. Кај нас можеш да бидеш успешен само ако користиш реклами во своите видеа, односно ако имаш поддршка од комерцијални соработници. Но, има иднина и мислам дека тиктокерството допрва кај нас ќе се развива и ќе достигне профитабилност“, одлучна е Јованова.

    Во Куманово најголем број пријавени злоупотреби на социјалните мрежи

    Но, и покрај бројните примери за злоупотреби, очигледно корисниците и жртвите многу ретко ги пријавуваат сторителите кај надлежите служби. За Тик Ток, како што посочивме има само 10 пријави во државата од кои едно кривично дело кое се гони по службена должност „неовластено снимање“, една „поплака“, 3 „настани“, 2 „пријави од останати области“ (поплака) и 3 „упатени лица“ од кои само во еден настан се инволвирани деца/малолетници.

    Нешто поинаква е сликата кога станува збор за останатите социјални мрежи, кои, нормално, и многу подолго се користат, но и од многу повеќе профили на целни групи. Според податоците на МВР, најголем број на злоупотреби се регистрирани на подрачјето на Куманово.

    „Во 2019 година евидентирани се вкупно 5 случаи на кражби на профили од социјални мрежи, 7 кражби и злоупотреби на лични фотографии и 6 уцени со интимни фотографии. Во 2020 година регистрирани се вкупно 8 случаи на кражби на профили од социјални мрежи, 10 кражби и злоупотреби на лични фотографии и 5 уцени со интимни фотографии, додека во 2021 година има 3 случаи на злоупотреби на лични фотографии од кои два случаја се за објавување на фотографии со компромитирачка и вулгарна содржина“, информираат МВР.

    Освен Куманово, големи злоупотреби се забележани и на територијата на Струмица, каде во 2021 година се пријавени 15 случаи за злоупотреба на лични податоци преку објавување на фотографии и видеа со експлицитни содржини на други социјални мрежи, од кои 10 на социјалната мрежа Facebook, 4 на сајт за возрасни „Х master“ и еден случај на „Телеграм“. Во однос на овие настани, досега се поднесени 5 кривични пријави против 5 сторители за сторени кривични дела „злоупотреба на лични податоци“, а за останатите случаи се поднесени известувања до надлежните јавни обвинителства.

    На подрачјето на СВР Тетово,пак, минатата година има 10 пријавени настани од страна на малолетниците, каде сторителите ги користеле социјалните мрежи “Instagram“, “Facebook“ и “ YouTube“. Биле објавувани содржини, слики, видео материјали со компромитирачка содржина на штета на пријавителите, односно злоупотребени се личните податоци на малолетниците отворајќи нови профили по социјални мрежи, испраќање на навредлива содржина, вршење на притисок за изнуда на пари, уцена за љубовна врска. Од страна на СВР Тетово се превземени сите мерки и активности за расветлување на настаните. До ОЈО Тетово и ОЈО Гостивар поднесени се 5 кривични пријави против непознат сторител, три известувања и за едниот настан сторителот писмено е предупреден, додека останатите настани се уште се предмет на истрага.