×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Не е точно дека вакцините од некои серии предизвикуваат поголема смртност отколку други серии

    08.02.2022 08:16 | KumanovoNews | Преземено од: vistinomer.mk

    Ограничувањата на ВАЕРС системот се тоа што нема невакцинирана група за споредба, не може да искалкулира колку често несаканите ефекти се случуваат, и генерално не може да утврди дали вакцината го предизвикала несаканиот ефект

    Не е точно дека вакцините од некои серии предизвикуваат поголема смртност отколку други серии Фото: pixabay.com

    Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук, во кој се вели дека вакцините против ковид-19 се „отровни“. Ваквиот заклучок, авторката на објавата го темели на системот за пријавување несакани ефекти од вакцините во САД, ВАЕРС, каде што буквално секој може да пријави несакан ефект, вклучително и смрт, без притоа да има доказ за причинско-последична врска меѓу вакцината и смртта или несаканиот ефект. Во постот што го рецензираме, се тврди дека некои серии вакцини се посмртоносни од други серии на вакцини, затоа што во ВАЕРС, за тие серии кои авторката ги декларира како ,,посмртоносни”, пријавени се поголем број на смртни случаи.

    Меѓутоа, во тврдењата изнесени во постот што го рецензираме, има низа проблематични аспекти, кои водат до неточни заклучоци како што е впрочем и тоа дека вакцината е токсична. На пример, се вели дека во една серија на вакцина, регистрирани се само еден или два смртни случаи, а во други серии, стотина. Притоа, не се кажува колку дози вакцини има во првата и во втората серија. Без оваа информација, не е можно да се изведуваат заклучоци дека една серија вакцини е причинител на две, а друга серија вакцини причинител на сто смртни случаи. Ова собено затоа што разликата во дозите меѓу првата и втората серија може да биде во илјадници вакцини. Понатаму, самото пријавување на смрт во ВАЕРС системот не е показател за причинско последична врска меѓу вакцината и настапената смрт. Само за илустрација, можно е вакцините од некоја серија да се администрирани на повозрасна популација, во која што и без вакцинацијата би имало повисока стапка на смртност.

    Изоставен е и друг важен контекст. Примарната и основна цел на ВАЕРС системот за пријавување е брза детекција на ретки несакани настани. Со други зборови, целата оваа група извештаи и пријави на несакани ефекти е корисна само во агрегатот, а многу помалку во индивидуални случаи.

    Самиот Центар за контрола и превенција на болести во САД има тринаесетминутно видео од 2015 година, во кое детално е објаснето како да се пристапи во системот ВАЕРС.

    Во ова видео во 11 минута и 36 секунда е наведено:

    Ограничувањата на ВАЕРС системот се тоа што нема невакцинирана група за споредба, не може да искалкулира колку често несаканите ефекти се случуваат, и генерално не може да утврди дали вакцината го предизвикала несаканиот ефект.

    Дополнително, не се земени предвид и следните факти кои самиот систем ги наведува како забелешка:

    Оние што ја администрираат вакцината се охрабрени да ги пријавуваат на ВАЕРС важните здравствени проблеми после вакцинацијата, без разлика на тоа дали веруваат или не, дека самата вакцина е причина за нив. Пријавите смеат да вклучуваат непотполни, неточни, коинцидентни или неверификувани информации. Бројот на пријави не смее да се интерпретира или да се користи за да се донесуваат заклучоци за постоењето, сериозноста, интензитетот, фреквентноста или стапката на проблемите кои се поврзуваат со вакцините и ВАЕРС податоците треба да се интерпретираат во контекст на други научни информации. 

    Портпаролката на Американската агенција за храна и лекови, Алисон Хант, за проверувачи на факти  во САД изјавила:

    Пријавените случаи на ВАЕРС се неверификувани извештаи. Тоа што некој ќе пријави несакан ефект на ВАЕРС не е документација дека вакцината го предизвикала ефектот. Кога би имало зголемен број на смртни случаи тоа би го задржало вниманието на властите.

    Вакцината на „Фајзер“ е иста во сите држави, се произведува во контролирани процеси и од националните влади и од интернационалните регулатори и од самиот производител.

    Фајзеровата вакцина е одобрена и од СЗО и од ЕМА и од американските регулатори за лекови. Таа во сите држави е со ист состав. Во клинички испитувања, 23 илјади луѓе над 12 години ја примија оваа вакцина и клиничките испитувања покажаа дека таа треба да се одобри, што и се случи во САД и тоа „Фајзер“ доби дозвола за трајна употреба. Од 11 декември 2020 година  досега милиони луѓе ја примија оваа вакцина. Сериозни национални влади ги проверуваат сите до една серии на вакцините за нивната исправност и го контролираат квалитетот, а проверките ги врши и самиот производител „Фајзер“.

    Овие контроли резултираат со проверки во национални лаборатории, а потоа вакцините добиваат свој сертификат за секоја издадена и прозиведена серија од којшто се гледа дека и националните регулатори во земјите каде се администрира вакцината, ги провериле и ги одобриле дозите за употреба пред да ги администрираат на своето население.

    Првиот пример е со регулаторот за лекови на Австралија (Тherapeutic Goods Administration). Австралија независно го испитува квалитетот на „Фајзер“ вакцината прво со чекорот на издавање сертификат, а потоа и со лабораториска проверка и тоа на секоја произведена серија на вакцина „Фајзер“ која што се администрира во Австралија. На следниот линк може да се види дека сите досега администрирани вакцини од „Фајзер“ во Австралија, кои биле дистрибуирани во повеќе наврати на различен датум, го поминале ова тестирање и добиле сертификат. Австралија не е единствената што ги прави овие проверки на секоја серија на вакцини од Фајзер (и од секој друг производител). Истиот процес го спроведува и Малезија.

    Како што претходно пишувавме, секоја серија вакцини во Северна Македонија се контролира со сертификати од независни лаборатории, анализи и стручни мислења. Тоа ги исклучува невистинитите информации изнесени во постот кој го рецензираме за наводна токсичност на вакцината.

    Поради фактите дека ВАЕРС системот не смее да се користи како индикатор за пресметување на процентуалност на смртност од вакцина, како и поради фактот што не е докажана причинско-последична врска меѓу серијата на вакцината и повеќето смртни случаи (не се кажува по колку вакцини има секоја серија, не се наведува кој ги примил тие вакцини, дали можеби им се дадени на пациенти со канцер во краен стадиум, дали им се администрирани на лица во поодминати години и сл.), оценуваме дека постот кој го рецензираме не е вистинит. Нема докази за никаква токсичност на вакцината. Следствено, кога недостасуваат податоците за тоа колку дози вакцини има во сериите кои се наведени, не може да се каже ниту дали смртноста (дури и да е веродостојна) е во рамките на вообичаената стапка која би се случила и без вакцините.

     

     

     

     

     

     

    Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар