Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Вакцинацијата во земјава, како и секаде во светот, е бесплатна и е на доброволна основа за сите возрасни групи, кои можат да се вакцинираат. Според тоа, никој нема законска или каква било основа да присили некого да се вакцинира против ковид-19. Во екот на пандемијата со коронавирусот масовно се злоупотребува теоријата на заговор дека од авиони се фрла вирусот или дека нè прскаат со отровни хемиски супстанци кои ги предизвикуваат симптомите на ковид-19. Ваквите тврдења се категорично отфрлени од научната заедница. Нема никакви докази дека наводните хемиски патеки се нешто различно од нормалните, вообичаени траги од кондензација кои ги оставаат авионите кои летаат на голема височина под одредени атмосферски услови
Фото: pixabay.com
Објава на социјалната мрежа Фејсбук тврди дека процесот на вакцинација против ковид-19 е присилен односно задолжителен и дека некој нè труе. Ова е се две дезинформации.
НЕКА ПРЕСТАНАТ ДА НЕ ТРУЈАТ !!! А НЕ ПРИСИЛНО ДА НЕ ВАКЦИНИРААТ !!!, пишува во постот.
Вакцинацијата, односно имунизацијата со вакцините против коронавирусот во нашата земја не е задолжителна, па, така, никој никого не може да го присили да се вакцинира. Вакцинацијата во земјава, како и секаде во светот, е бесплатна и е на доброволна основа за сите возрасни групи кои можат да се вакцинираат. Според тоа, никој нема законска или каква било основа да ве присили да се вакцинирате против ковид-19.
Исто така, вакцината против ковид-19 не е влезена во задолжителниот календар за имунизација, што Владата го донесе пред неколку дена, што значи дека вакцината против оваа болест не е задолжителна за никого.
Здравствените власти во Северна Македонија пред крајот на минатата година имаа обид да воведат задолжителна вакцинација за вработените во здравствениот сектор, а планираа и да се воведе задолжителен вакцинален сертификат, негативен ПЦР тест или доказ за прележаност за вработените во јавниот сектор. Ваквите обиди пропаднаа по мноштвото реакции на синдикатите. Владата се откажа од овие две мерки, а причината е во тоа што се наишло на проблем како ќе се казнува ако некој не се тестира и како ќе се спроведе оваа мерка, соопшти тогаш министерот за здравство, Венко Филипче.
И покрај тоа што вакцината не е задолжителна, сепак таа се препорачува затоа што пружа заштита против болеста ковид-19 и игра голема улога во сузбивање на коронавирусот и спречување на создавање на нови мутации. Од вакцинацијата луѓето имаат бенефит и колку повеќе се одлучат да се вакцинираат, толку побрзо ќе дојде и крајот на пандемијата. Вакцините кои се одобрени и се администрираат во нашата земја ги заштитуваат граѓаните од тешка форма на болеста и ја намалуваат хоспитализацијата и смртноста.
Иако во објавата не е точно објаснето што се мисли со напишаното „нека престанат да нè трујат“, сепак, според коментарите под објавата очигледно е дека станува збор за позната и многу често споделувана теорија на заговор „прскање со отров“, за која во „Вистиномер“ сме пишувале повеќе пати.
Теоријата на заговор за „кемтрејлс“, која е стара повеќе од две децении, го преставува верувањето дека патеката, односно белата трага што ја создаваат авионите во воздухот се „хемиски патеки“, составени од хемиски или биолошки агенси за „злобни цели“. Ова, се разбира, е неточно.
Во екот на пандемијата со коронавирусот, оваа теорија е масовно злоупотребена за да се инсинуира односно убедува јавноста или дека од авиони го фрлаат вирусот или дека авионите нè прскаат со отровни хемиски супстанци кои ги предизвикуваат симптомите на ковид-19.
Ваквите тврдења се категорично отфрлени од научната заедница. Нема никакви докази дека наводните хемиски патеки се нешто различно од нормалните, вообичаени траги од кондензација кои ги оставаат авионите кои летаат на голема височина под одредени атмосферски услови. Но и покрај ова, истражувањата покажуваат дека речиси половина од граѓаните, односно 46 отсто веруваат дека „од небото не запрашуваат со вирусот“.
Ваквите објави на социјалните мрежи имаат цел само да ја манипулираат јавноста и тоа го прават преку создавање на паника и страв. Освен што оваа објава е целосна дезинформација, таа ја поткопува борбата против вирусот и влијае на заштитата на јавното здравје.
Затоа, овие сензационалистички објави на социјалните мрежи треба да се читаат со голема резерва и информациите споделени во нив да се проверат од неколку извори, а не веднаш да се верува во напишаното и да се споделува.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар