×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Не наседнувајте на антиваксерски повици да не се вакцинирате

    01.11.2021 08:00 | KumanovoNews | Преземено од: vistinomer.mk

    Извештаите од Министерството за здравство за состојбата со коронавирусот во државата потврдуваат дека најзагрозени од коронавирусот се токму невакцинираните лица. Помеѓу починатите има и вакцинирани и тоа никој не го негира. Ниту една од одобрените вакцини не заштитува 100 проценти, но тоа не значи дека тие се неефикасни или дека тие се причина за смртност. Во објавата, исто така, без никаков доказ паушално се тврди дека „многу доктори се осмелиле да ја кажат вистината дека смртноста од вакцините очигледна“. Но, не се кажува  кои се тие доктори, од каде се,  ниту пак, е објаснето како дошле до наводната вистина

    Не наседнувајте на антиваксерски повици да не се вакцинирате

    Објава на Фејсбук испраќа антиваксерска порака до граѓаните да не се вакцинираат, со што предизвикува директна штета врз севкупната борба против коронавирусот, поради кој животот досега го загубија речиси 6 милиони жители низ целиот свет.

    Не земајте вакцини.

    Смртноста е се поочигледна и многу доктори се осмелија да ја кажат вистината!!

     

    Објаснувањето зошто да не се земаат вакцини е исто толку нелогично, колку и самата анитваксерска порака. Се вели дека смртноста е поочигледна, но нема објаснување како е смртноста од вакцините очигледна кога состојбата на терен вели нешто спротивно.

    Извештаите од Министерството за здравство за состојбата со коронавирусот во државата потврдуваат дека најзагрозени од коронавирусот се токму невакцинираните лица.

    Во период од 06.08 до 21.10.2021 74% од позитивните на ковид-19 не биле вакцинирани. Процентот на хоспитализирани лица, кои се невакцинирани, изнесува 76%, додека само 24% од сите моментално хоспитализирани пациенти се целосно вакцинирани. Смртноста кај невакцинираните е драстично поголема, односно 83% од починатите не биле вакцинирани, а само 260, односно 17% примиле вакцина, соопштија здравствените власти.

    Ова во изјава за „Вистиномер“ го потврдува и д-р Александра Георгиева, претседателка на Здружението на лекари специјализанти.

    Невакцинираните лица развиваат далеку потешка клиничка слика со трајни секвели по нивното здравје, кои неретко  водат кон траен инвалидитет или намален квалитет на живот по прележан ковид-19. Вакцинација во висок процент е единствениот начин да ја запреме пандемијата со ковид-19, како пример во пракса можеме да земеме низа на западно-европски земји, чиј процент на вакцинација преминува 75%. Апелирам до секој граѓанин, пред сè, да го заштити сопственото здравје, а потоа здравјето на своите најблиски и заедницата со тоа што ќе се вакцинира, вели Георгиева.

    Факт е дека помеѓу починатите има и вакцинирани лица и тоа никој не го негира. Ниту една од одобрените вакцини не заштитува 100 проценти и тоа досега никој не го тврдел, но тоа не значи дека тие се неефикасни или дека тие се причина за смртност.

    Освен тоа, според податоците од Министерството, сите починати, а вакцинирани, имале повеќе комбинирани хронични заболувања.

    Уште една манипулација што се прави во објавата е паушалното тврдење дека „многу доктори се осмелиле да ја кажат вистината дека смртноста од вакцините очигледна“. Нема ниту кои се тие доктори, ниту од каде се, ниту дали се од нашата држава, ниту, пак, е објаснето како дошле до наводната вистина. Не е понуден никаков доказ што би можел да го потврди ова категорично тврдење.

    За д-р Георгиева ваквите објави имаат цел да ја доведат до заблуда јавноста.

    Во нашата земја, а и светот, се практикува медицина базирана на докази, односно апсурдно е да се говори за смртност предизвикана од вакцини во недостаток на научни докази по однос на ова тврдење. Написи во кои не се цитира име и презиме на докторот кој ја дава конкретната изјава и чиј кредибилитет и лиценца може да се провери преку Лекарската комора, се само паушални изјави чија цел е да ја доведат до заблуда јавноста, посочува Георгиева.

    Вакви објави на социјалните мрежи, кои директно ги убедуваат корисниците да не се вакцинираат, се опасни и можат да направат голема штета во борбата против вирусот, да го нарушат здравјето на граѓаните и да го ризикуваат нивниот живот.

    Не наседнувајте и не споделувајте објави коишто се очигледно се тенденциозни, а притоа не содржат ниту еден доказ.

     

     

     

     

     

    Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар