×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Институционалната небрежност за лицата со посебни потреби во РСМ критикувана и од ЕУ

    02.06.2022 13:16 | KumanovoNews | Преземено од: vistinomer.mk

    Голем број лица со посебни потреби, од различни категории, поради немање елементарни услови за живот, се невидливи во општеството на Северна Македонија. Во Струга правата на сите категории граѓани не се почитуваат подеднакво. Всушност, дискриминацијата на лицата со посебни потреби е проблем на национално ниво и поради оваа причина Северна Македонија беше критикувана во Извештајот за напредокот објавен од Европската комисија, пишува Порталб.мк

    Институционалната небрежност за лицата со посебни потреби во РСМ критикувана и од ЕУ Фото: portalb.mk

    Од Шефкије Аласани

    Несовесните граѓани и негрижата на локалните власти во Струга не само што го отежнуваат движењето на пешаците на јавните простори, туку генерално го попречуваат движењето на лицата со посебни потреби. Организацијата „Моблиност-Струга“ има евидентирано 163 лица од различна возраст, класифицирани во 7 различни категории на телесен инвалидитет, од најлесна до најтешка, но се тврди дека бројот на оваа категорија лица е поголем. Списокот на проблеми пријавени од оваа категорија граѓани е многу долг.

    Блокиран тротоар – Струга февруари 2022 година

     

     

     

     

     

     

    „Што се однесува на почитувањето на правата на лицата со посебни потреби во нашиот град, би рекол дека тие се почитуваат многу малку. Поаѓајќи од елементарната култура на граѓаните, а потоа архитектонските бариери во центарот на градот, но и воопшто во целиот град. Во многу институции, без разлика дали се јавни или не, недостасуваат рампи за корисници на инвалидски колички дури и на места каде може да се градат, но нема волја. Друг голем проблем се тротоарите кои пред многу години се правеа со висина од 40-тина см, таквата висина може да биде пречка за нормален човек, а камоли за лице кое има ограничено движење, без разлика дали се тоа патерици, инвалидска количка или ортопедски помагала. Покрај пречката што ја создава висината на тротоарите, дополнителен проблем е и нивното блокирање од паркирани возила. И никој не се грижи за средување на оваа ситуација. И неколкуте архитектонски бариери што се отстранети, тоа е направено со наша интервенција како организација“, изјави Сулејман Дестани, претседател на организацијата „Моблиност-Струга“.

    Општина Струга пред неколку месеци обезбеди одреден број паркинг места за возила што ги управуваат лица со посебни потреби, но истите постојано се узурпираат од физички способни лица.

    „Кога станува збор за културата на граѓаните, не зборувам за човечкиот аспект бидејќи генерално тие се многу хумани, сепак кога станува збор за почитување на оние малку поволности што ние ги обезбедивме со огромен труд, несовесни граѓани ни ги узурпираат, почнувајќи од паркинг местата за инвалиди, тротоарите, а малкуте патеки погодни за минување на лицата во инвалидски колички се блокирани од возила. Феноменот на паркирање возила на јавни места и тротоари го оневозможува и слободното и безбедно движење на овие лица. Ние реагираме на наш начин, на оваа грда појава, со оставање писма со пораки на возилата, за да повеќе или помалку луѓето станат свесни, но не е дека има некој голем резултат. Пред 2 месеци општината ни обезбеди паркинг места некаде 2, а некаде 4 места, но тие се многу малку простор за потребите што ги имаме. бидејќи во Струга се регистрирани 33 возила за инвалиди кои ги исполнуваат сите потребни критериуми за да имаат простор во сообраќајот и почитување. Најлошото е што тие паркинг места се узурпирани од возила управувани од физички способни лица. Реагиравме во полиција, тие велат дека ги преземаат неопходните мерки со казнување на тие возачи, сепак состојбата е непроменета, решението е само во свеста на граѓаните. Ние редовно бараме и се бориме за нашите права, но се остварува само 5-10 отсто од она што го бараме“, рече Сулејман Дестани.

    Лицата со посебни потреби во Струга се жалат дека се чувствуваат дискриминирани, како од јавниот, така и од приватниот сектор, кои не го спроведуваат соодветно Законот со кој се уредуваат правата на оваа категорија граѓани.

    Блокиран тротоар – Струга февруари 2022 година

     

     

    „Тука Инспекторатот дава дозвола да се изгради објект но никој не води сметка за мерките дека тој објект треба да е прилагоден на потребите на лицата со посебни потреби. На пример, се отвора аптека и кога треба да ја одобри Инспекторатот, се поставува обична метална рампа како оправдување дека има инклузивни услови и потоа од икс причини истата се отстранува и ние не можејќи да влеземе мораме да викаме однадвор за да излезе некој да не услужи. Имаме многу проблеми, дури и реагиравме, да ни се овозможи пристап до банките затоа што во сегашните услови е невозможно човек во инвалидска количка да влезе во банка за да ги изврши своите граѓански обврски“, додаде Сулејман Дестани.

    Револт и загриженост за реалноста во Струга изразуваат и од здружението на слепи лица. Симон Петковски од „Здружението на слепи во Струга“, за Порталб.мк вели дека во овој град се чувствуваат запоставени и бараат минимални услови и можности да развијат што е можно понормален и побезбеден живот.

    „Ние како држава сме сиромашни и мислам дека нашите проблеми како лица со посебни потреби се слични во секој град. За нас постарите најголем проблем е што немаме место каде можеме да се дружиме и безбедни патишта каде што можеме слободно да се движиме. 15 Октомври беше Меѓународниот ден на слепите, по тој повод организиравме настан на кој присуствуваше и градоначалникот. И го прашавме градоначалникот: Зошто тротоарите се претворени во паркинзи, а ние слепите не можеме воопшто да се движиме слободно? Не можејќи да се движиме по тротоар, принудени сме да одиме по патот при што постои ризик да не удри некое возило. Впрочем, оваа појава не е само наш проблем туку на сите граѓани воопшто. Сите здруженија на лица со посебни потреби во Струга, но и во Охрид, имаат поднесено барања до институциите да ги расчистат тротоарите од паркирани возила и тие да служат за целта за која се изградени, а тоа е безбедно движење на пешаците“, изјави Симон Петковски, секретар на Здружението на слепи лица од Струга.

    Бројот на граѓани во Струга со пречки во видот е многу е висок

    „Нашето здружение брои околу 50 членови со оштетен вид. Но, бројката на оваа категорија во Струга е многу висока, не официјално можеби над 160 луѓе. Меѓутоа, многу од нив, поради различни причини, одбиваат да го прифатат проблемот што го имаат“, додаде Симон Петковски.

    Во фото галеријата подолу можете да ја видите состојбата на тротоарите на некои од главните сообраќајници во центарот на Струга.

    Зошто општина Струга ги затвора очите пред оваа грда појава?

    Целата оваа збрка и узурпација на јавниот простор се случува во срцето на градот, на само неколку метри од полициската станица или и од општинската зграда. Во меѓувреме, треба да се истакне дека хаосот и нередот во сообраќајот многукратно се влошуваат во летниот период кога започнува туристичката сезона.

    Согласно Законот за локална самоуправа, Општината е должна да се грижи за сообраќајот на својата територија.

    ЗАКОН ЗА ЛОКАЛНА САМОУПРАВА

     

    член 22
    Список на надлежности
    (1) Општините се надлежни да ги вршат следните работи:

    1. Општински активности – регулирање на режимот на сообраќај; изградба и одржување на патна сообраќајна сигнализација, изградба и одржување на јавен паркинг простор; отстранување на неправилно паркирани возила;

     

    Со прашањата: Дали општина Струга планира да ги отстрани архитектонските бариери и што е тоа што ја спречува оваа институција да ги ослободи јавните простори со почитување на Законот за локална самоуправа?, редакцијата на Порталб.мк на 17 февруари поднесе барање за информација до општина Струга; пред неколку дена повторно го испративме барањето, но од оваа институција досега не добивме никаков одговор.

    Луѓето со посебни потреби се занемарени во РСМ, критикува и ЕУ

    Всушност, за почитувањето на правата на лицата со посебни потреби треба уште многу да се направи и на национално ниво. И покрај тоа што Северна Македонија е потписник на светските конвенции за правата на оваа специфична категорија граѓани, дискриминацијата која се манифестира во различни форми и понатаму е висока. Нашата земја е дел од Конвенцијата за  Правата на лицата со попреченост, која ги обврзува државите да обезбедат еднакви можности и права за лицата со посебни потреби.

    Член 3 – Основни начела

    Државите потписнички се обврзуваат да обезбедат и промовираат целосно остварување на сите човекови права и основни слободи на сите лица со попреченост без никаква дискриминација врз основа на попреченоста.

    Сепак, нашата земја на овој план не прави доволно, и поради тоа Македонија доби остри критики во Извештајот за напредокот објавен од Европската комисија. Во Извештајот за напредокот на нашата земја се наведува дека е постигнат мал напредок во подобрувањето на правата на лицата со попреченост.

    „Лицата со попреченост и понатаму се соочуваат со широко распространета, директна и индиректна дискриминација, поради нарушување на инфраструктурата, недостаток на информации и услуги, дискриминаторско однесување и социјална исклученост. Народниот правобранител во 2020 година примил 37 претставки за дискриминација на деца и возрасни со попреченост“, се нагласува меѓу другото во извештајот на ЕК.

     

     

    Овој напис е изработен во рамките на проектот Проверка на фактите за напредокот на Северна Македонија кон ЕУ, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Написот, кој е првично објавен во Вистиномер, e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација NED (National Endowment for Democracy). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, НЕД или нивните партнери.

     

     

     

    Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар