Во Куманово се одржува Меѓународен турнир „Tennis Europe“
На тениските терени кај спортската сала во Куманово веќе трет ден се одржува Меѓународниот турнир „Tennis Europe“ во организација на тенискиот клуб „Тумба“ од Куманово.
На турнирот учествуваат педесеттина учесници од 10 европски земји, како што се Австралија, САД, Германија, Швајцарија, Украина, Турција, Грција, Србија, Црна Гора и др. Турнирот ќе трае до 12 септември.
„Овој турнир се организира со цел младите тенисери да добијат можност за квалитетни меѓународни натпревари, што претставува клучен предуслов за нивниот натамошен развој. Утре, четврток од 9 до 14 часот ќе се играат полуфиналните натпревари, а во петок финалните. Ги повикуваме сите наши сограѓани, особено љубители на тенисот, да дојдат да ги проследат квалитетни мечеви на младите тенисери, кои се иднината на овој спорт“, велат од Тенискиот клуб „Тумба“.

Најдобрите тенисери ќе добијат пехари и бодови за нивниот пласман.
Одржувањето на престижниот меѓународен турнир „Tennis Europe – Тумба Куманово Опен 2026“ претставува презентација нe само на спортот, туку и на нашиот град и државата.
Минатиот викенд, ТК „Тумба“ беше домаќин на Отвореното првенство на Македонија за јуниори и јуниорки до 16 години, со учество на над 40 натпреварувачи во двете категории.

„Во женска конкуренција, победничкиот пехар го понесе Ведрана Таневска од ТК Охрид, додека второто место и титулата финалист и припаднаа на Мартина Караџиќ од ТК Тумба – Куманово. На турнирот успешно настапи и нашата млада и перспективна Дарија Георгиевска. Кај јуниорите, во веќе препознатливото кумановско дерби, Алексеј Стојановски беше поуспешен од Марин Стефановски. Двајцата тенисери доаѓаат од редовите на ТК Тумба, клуб чии бои ги бранеше и полуфиналистот Стефан Дебрешлиевски“, велат од клубот.
