×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • По трендот на опаѓање, се зголемува бројот на претставки кај Народниот правобранител

    11.06.2022 13:26 | KumanovoNews | Преземено од: vistinomer.mk

    Бројот на претставки кај НП и во 2022 има благ тренд на пораст, а според Народниот правобранител Насер Зибери граѓаните и натаму се жалат на истите области: на правосудството, во делот на извршувањето и работата на извршителите, полициските овластувања, безбедносниот сектор, состојбата во затворите, состојбата со правата на децата, особено во поглед на образованието, и за прв пат во 2022 г. и претставки од областа на правата поврзани со домувањето

    По трендот на опаѓање, се зголемува бројот на претставки кај Народниот правобранител Фото: Мета.мк

    Народниот правобранител(НП) е институција наменета за заштита на основните права на човекот, која што е одамна воведена во правниот систем во РСМ и заедно со Комисијата за спречување и заштита од дискриминација е една од двете самостојни институции задолжени за заштита на правата на граѓаните.

    Функционирањето на Народниот правобранител може да се оценува по повеќе параметри, но секако еден од клучните би бил бројот на претставките што граѓаните ги упатуваат до институцијата. Споредувајќи период од пет години наназад, може да се заклучи дека Народниот правобранител по години опаѓање почнува да бележи зголемување на бројот на претставките во 2021, а тој тренд продолжил и во 2022 година. Ова се заклучува и во Извештајот на „Метаморфозис“ за степенот на почитување на човековите права во РСМ во рамки на евроинтеграциските процес, „Основни права – Рамка има, имплементацијата варира, секаде се потребни повеќе пари“.

    Во извештајот се наведува дека „во 2021 година биле примени/заведени 2.686 претставки, а 389 биле пренесени од претходната година или вкупно се регистрирани над 3.000 предмети. Притоа, најмногубројни биле од областа на правосудството – 436 претставки или над 16 отсто, потоа претставките од областа на детските права – 254, на трето место биле претставките за заштита на потрошувачките права – 228 , потоа во однос на правата од работен однос – 218 претставки, од областа на социјалната заштита – 183 претставки, од областа на работењето на казнено-поправните и воспитните институции – 162 претставки, од имотно-правната област – 150, од областа на урбанизмот и градежништвото – 136 претставки и другите се претставки од други области“. Податоците извадени од Канцеларијата на самиот Народен правобранител, од Годишниот извештај за работата во 2021 година, ја покажува споредбата за примени претставки во изминатите пет години:

    Табеларен приказ со број на примени/заведени претставки (извор НП)

    2016 г. 2017 г. 2018 г. 2019 г. 2020 г. 2021 г.
    3775 3223 3458 3453 2448 2686

     

    Анализата на бројот на примени и обработени предмети, односно оние по кои се постапувало, покажува дека над една третина остануваат непокриени, односно во 2021 година се постапувало по 67,80 отсто од вкупниот број од над 3000 предмети:

    „Од вкупно 3.075 претставки, Канцеларијата на НП постапувала по 2.085 предмети или 67.80 отсто, а од нив во 755 предмети е констатирана повреда на човековите слободи и права и интервенирано е со цел отстранување на тие повреди. Притоа, во 500 случаи надлежните органи постапиле по интервенцијата на Народниот правобранител, во 233 НП морал да интервенира на други начини до повисоки органи, а во 23 предмети во април сѐ уште се чекаше одговор од надлежна институција или орган.

    Од ова може да се види дека ефикасноста на Канцеларијата на НП е нешто над две третини во однос на вкупниот број предмети по кои работат, што можеби зависи и од непополнетоста на работните места според систематизацијата што ја има оваа институција“ – се наведува во извештајот на „Метаморфозис“.

    Непополнети 100 места кај НП според систематизацијата

    Со последниот Правилник за изменување и дополнување на Правилникот за систематизација на работните места во Стручната служба, Тимот на националниот превентивен механизам, Посебните одделенија и Канцелариите на Народниот правобранител НПР бр. 1695/3 од 1.7.2021 година, предвидени се 183 работни места за извршување на работните должности, од кои до декември 2021 година пополнети се 85 – се наведува во Годишниот извештај на НП за 2021 г..

    Зибери: Бројот на претставки расте и во 2022 г.

    Она што се нарекува пресекување на трендот и трансформација од опаѓање во зголемување, ќе треба да се потврди во следните извештаи на Народниот правобrанител. Но, сигурно е точно дека тоа зависи не само од поагилно работење врз предметите, туку и од претставувањето на Канцеларијата и начинот на нејзина работа преку медиумите. Ова го констатираше и самиот Обудсман.

    „Народниот правобранител Насер Зибери, во гостување на ТВ „Телма“ на 25.5.2021, посочи дека благодарение на соработката со медиуми (особено со посочената телевизија) заради зголемување на видливоста на Канцеларијата НП и препознавање на институцијата од страна на граѓаните како тело што е во заштита на нивните основни права, бројката на поплаки во првите пет месеци од 2022 г. е во пораст и е поголема во споредба со првите пет месеци од 2021 година, иако не прецизира нумерички податоци. Најголем дел од поплаките се однесувале на правосудството, во делот на извршувањето и работата на извршителите, полициските овластувања, безбедносниот сектор, при што особено ја апострофира Агенцијата за национална безбедност, состојбата во затворите, состојбата со правата на децата, особено во поглед на образованието, и прв пат и претставки од областа на правата поврзани со домувањето“- се наведува во извештајот на „Метаморфозис“.

    Во однос на соработката со институциите Зибери вели дека таа е за степен подобрена кога станува збор за соработката со Владата. Тој во споменатото интервју од крајот на мај, посочува дека Владата сега редовно го известува НП доколку од Канцеларијата добие поплака за несоработка на некое раководно лице или орган на управа, но само со формално известување дека ја препратиле жалбата до посочената институција и дека чекаат одговор.

    Иницијативност на НП во три области

    Народниот правобранител согласно законот за негово функционирање има право и на иницијативи за измени на законски или подзаконски решенија во секоја област каде што ќе забележи дека има проблем со функционирање на системот во однос на остварување на правата на граѓаните.

    Во извештајот се издвојуваат три области каде што според самиот НП Зибери, институцијата покренала иницијативи за промена на состојбите:

    – Иницијатива до Собранието за измена на Законот за облигации, со што ќе се ограничи и казнената камата што ја плаќаат граѓаните должници кон доверителите, исто како што тоа претходно е сторено со договорната камата (поплаки од областа на извршувањето).

    – Иницијатива во соработка со Регулаторната комисија за енергетика за измена на подзаконските акти со кои операторите за услуги поврзани со електричната енергија и снабдувањето со вода ќе бидат задолжени да ги читаат струјомерите и другите уреди најмалку еднаш квартално, наместо како досега еднаш годишно (поплаки поради паушални сметки).

    – Измена на локацијата на малолетничиот затвор за женски лица од просториите на КПД Идризово (несоодветна локација за казна и ресоцијализација).

    Буџетот на НП со благо зголемување

    Канцеларијата на Народниот правобранител, и во годишниот извештај за својата работа и преку првиот човек на Канцеларијата, во изминатите месеци изнесе тврдење за не баш мало намалување на средствата што ги обезбедува државата за функционирањето на оваа институција. Според тврдењето на омбудсманот Насер Зибери, на прес-конференцијата по повод претставувањето на извештајот, буџетот за 2021 г. му бил намален кумулативно за 30 проценти споредено со 2020 година:

    „Јас и министерот за финансии сме во перманентен судир за основни прашања, немаме средства да вршиме активности. Тоа е недозволиво. За 2021 година буџетот е намален за 10 отсто во споредба со претходната година. Истото се случи и со ребалансот во август, додека буџетот за 2022 година е 10 отсто од него. За една година буџетот е намален за 30 проценти. Ова го сфаќам како тенденција за задушување на институцијата“, изјави Зибери.

    Според достапните податоци за основниот буџет за 2022 и Ребалансот во Собранието, може да се констатира дека државата не се претргнува со пари за Канцеларијата на НП, но сепак има благо зголемување за 2022 година. „Со ребалансот на буџетот од крајот на мај, Канцеларијата НП добива плус два милиона денари директно од буџетот на РСМ и околу 600 илјади денари од донации, така што буџетот на НП за 2022 би требало да изнесува 88.199 милиони денари или околу 1.432 милион евра, за разлика од утврдениот во декември 2021 за 2022 г. од 1.327 милион евра, пресметано според средниот курс на Народна банка – се констатира во извештајот на „Метаморфозис“, кој што е изработен во рамки на програмски активности подржани од Националниот фонд за демократија (НЕД) од САД.

     


    Овој напис е изработен во рамките на проектот Проверка на фактите за напредокот на Северна Македонија кон ЕУ, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Написот, кој е првично објавен во Вистиномер, e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација NED (National Endowment for Democracy). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, НЕД или нивните партнери.

     

     

     

    Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар