Мени

Признанија за најдобрите ученици Роми од Крива Паланка

07.04.2026 10:40 | KumanovoNews

Најдобрите ученици од ромска националност од основните училишта Св. Јоаким Крчовски„ и Илинден“ и од СОУ Ѓорче Петров“ од Крива Паланка добија признанија и подароци за постигнатиот успех, нивниот труд и посветеност во образованието, по повод Меѓународниот ден на Ромите – 8 Април.

Признанија за најдобрите ученици Роми од Крива Паланка

На свечен настан организиран од Фондацијата Со срце за Крива Паланка“ и Општина Крива Паланка во Europe House Крива Паланка, признанијата и таблетите им ги врачи градоначалникот Сашко Митовски, кој истакна дека успехот на овие ученици е успех на целата заедница.

„Општина Крива Паланка ќе продолжи со силна посветеност да вложува во образованието, во можностите и во достоинствен живот на секој наш сограѓанин, затоа што успехот е вистински само кога е заеднички. Драги ученици, вие не сте само иднината , вие сте нашата најголема надеж и насилна порака дека промените се можни. Учете, напредувајте и верувајте во себе, затоа што секој ваш успех е успех на нашата цела заедница. Да продолжиме да градиме општество во кое различноста не не дели, туку напротив не прави посилни“, истакна Митовски.

Признанијата беа доделени како знак на поттик и мотивација на младите Роми да продолжат со својата истрајност и вложувањето во нивното образование, а нивните успеси да бидат препознаени и видливи за заедницата.

На настанот посебен акцент беше ставен на ромската култура и традиција, како и богатството и наследството на ромскиот народ, кој низ историјата се потврдува како еден од најистрајните народи, и покрај сите предизвици низ кои поминувал.

„Меѓународниот ден на Ромите е симбол на еден идентитет, достоинство и истрајност, симбол на култура што опстојува, се развива и гордо го носи својот печат низ времето. Ромската заедница е дел од нашето секојдневие, дел од нашата приказна, дел од иднината што ја градиме сите заедно. Нејзиниот придонес во културниот и социјален живот ја збогатува нашата заедница и ја прави посилна и поразновидна“, рече Митовски.

Одбележуваето на овој значаен настан беше збогатен со настап на членовите на Ромскиот културен центар „Чирикља од Куманово, кои ја изведоа и ромската химна „Џелем, џелем“.

Орхан Дуров - актер и режисер пред присутните ја претстави својата успешна животна и професионална приказна и ги охрабри младите да не се колебаат да ги остварат своите соништа.