×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Fiore

    И ние се модернизиравме, наместо со ѓуле и четка чистиме со усисивачи, вели Дино единствениот регистриран оџачар во Куманово

    15.11.2023 09:20 | Сузана Николиќ

    Амзир Рушити (65), меѓу кумановци познат како Дино, е единствениот регистриран оџачар во Куманово кој ја менува сликата за оваа професија. Ако некогаш оџачарите на велосипед  со ѓуле и четка оделе на работа и морале да се качат на кров да го исчистат оџакот, денеска тие користат модерна технологија при работа. 

    И ние се модернизиравме, наместо со ѓуле и четка чистиме со усисивачи, вели Дино единствениот регистриран оџачар во Куманово

    „Порано се користеше едно ѓуле и една четка и тоа беше доволно. Денеска се работи со нова технологија на чистење на оџаци, дури нема потреба ни да се качуваме на покривот. Имаме многу модерни, јаки усисивачи кои заедно со чистење на оџакот ја собира сета прашина, и не дава ни ронка да падне надвор. Сега мора да сме многу сме внимателни, бидејќи куќите се убаво уредени, имаат скап мебел, а прашината многу тешко се чисти. Но, ние како што влегуваме во станот така излегуваме, без ниедна флека“, вели Дино. 

    Тој е дете на оџачар и занаетот го научил од својот татко, а околу 25 години работи самостојно. Иако отпрвин имал негативен став и отпор кон професијата, подоцна ја засакал и со голема посветеност ја работи. 

    „Се разболе татко ми и ме молеше да одам со него, тргнав првин со чистење на котлите, тогаш беше незамисливо болницата да остане без греење или училиште. А тоа се случувало кај нас, нема кој да ги исчисти димоводни канали. „Крсте“ и „Браќа“ школите еднаш 7 дена да немаат греење , немаше кој да го исчисти парниот котел“.

    Дино вели дека има многу работа и не може се да постигне сам, дека треба да се направи тим, кој ќе помине обука, семинари и ќе ја научи работата.  Но, за жал, вели, младите денес не сакаат да ја работат оваа професија.

    „Ќе дојдат еден ден, максимално два, ако му кажеш да се качи на кров тој не смее, ми вели „Мајсторе ми се тресат нозете“. И што да му правиш. Уште кога ќе ја видат онаа црнината што излегува, жгар, одма си бегаат. Не сакаат да ги извалкаат рацете“, раскажува Дино.

    Според негова проценка во општините Куманово, Липково и Старо Нагоричане има околу 80 илјади оџаци. Негова препорака е за затоплување да се користи буката. Поради смолата зимзелените дрвца не се за горење, а исто и овошните дрвца и багремот. Најеколошки за користење, пак, е секое дрво кое е суво и кај него димот е чист и бел.

    Тој апелира домаќинствата двапати годишно да ги чистат оџаците. Бидејќи голем дел од посиромашните и социјални случаи, се греат со неквалитетен материјал, па се случува да им се запалат оџаците и да останат без кров над главата. Кога ќе види сиромашни семејства со мали дечиња, знае да го исчисти оџакот и за без пари, но смета дека за нив треба да има помош од општината. Тој има идеја да се субвенционира чистењето на оџаците, да се најде некој заеднички интерес со општината заради интересот на граѓаните.

    „Досега ниеден градоначалник немаше слух за таква работа-субвенционирање на чистење на оџаците на социјално ранливите семејства, кои пак немаат средства да купат квалитетно дрво, туку користат секакво гориво и лакиран намештај, гуми, пластика, се што има било каква хемикалија на или во материјалот за горење. Многу голем проблем се и картонските влошки за јајца, сите ги користат за потпалување, но јас на сите им препорачувам да најдат некоја хартија, картон, зашто овие од јајцата во себе имаат лепак. За една сезона се собира голема количина на тој лепак. Може и да се запали оџакот од внатре, да си тлее и гори цела ноќ, а никој да не забележи додека не биде предоцна. Минатата година една баба се запали и згоре со се куќата, тука во Орашац“. 

    Дека оџачарството е неоходно за локалната заедница покажува и тоа дека Град Скопје организира обука за оџачари.

    Нашиот соговорник кажува дека кај нас некогаш имало училиште за оџачари, кои во меѓувреме се затворени, додека во соседна Србија тие и денеска работат. 

    „Не се сите самоуки, до пред 8 години имаше предавања, семинари на Работничкиот универзитет кои издаваа сертификати.Треба да се има и противпожарна обука за да знае да угаси сам барем онаму каде тлее, му треба курс по прва помош, без тие две работи не може да биде мајстор“.

    Тој има искуство со оџачарството во странство, бил на обука 6 месеци во Франција, каде волонтирал во голема семејна фирма. Таму еден оџачар работи со 25 илјади куќи, а претежно руралните средини, исто како кај нас, се греат на дрва. 

    Според него оџачарството во нашата земја е главно фамилијарен занает наследен од претците, но за жал во изумирање затоа што младите си одат во странство. Па така, како и тој, по неговите стапки тргнале и неговиот син и внуката кои се занимаваат со оваа професија во Франција. Доколку имате потреба од услугите на Дино, можете да го побарате на 071/900 - 767.