Мени

Матичните лекари ќе препишуваат фластери и никотински гуми за откажување од пушење

28.05.2026 21:19 | KumanovoNews

Се зајакнуваат услугите за откажување од пушење во земјава, потенцираа од Министерството за здравство по повод Светскиот ден без тутун.

Матичните лекари ќе препишуваат фластери и никотински гуми за откажување од пушење

„Министерството за здравство ја ажурираше есенцијалната листа на лекови и во неа првпат се ставени лекови за одвикнување од пушење и контрацептивни средства – трансдермалните фластери и никотинските гуми за џвакање. Целта е да се зголеми нивната достапност, да бидат препознаени од јавноста и од фармацевтските компании за нивната потреба да се користат и матичните лекари да ги препишуваат“, кажа министерот за здравство, Азир Алиу.

Тој додаде дека се работи и на системско зајакнување на овој сегмент, преку новиот предлог закон за заштита од употреба на производи од тутун или сродни производи, кој е усогласен со европските норми и регулативи и овозможува долгорочно унапредување на заштитата на јавното здравје во овој аспект.

„Продолжуваме со заеднички заложби за подигнување на јавната свесност за откажување од пушењето и заштита на здравјето. Целта на овие активности е поголема достапност на советувалиштата за откажување од пушење, зајакнување на системот за упатување, како и континуирана поддршка на овие лица, со посебен фокус на младата популација“, додаде Алиу.

Министерството за здравство, заедно со Институтот за јавно здравје се приклучува на глобалната кампања на СЗО на тема „Разоткривање на привлечноста – спротивставување на зависноста од никотин и тутун“.