07. 05. 2020 14:16

Колевски: Спортистите ги отсликува борбениот дух, а не стравот

Колевски: Спортистите ги отсликува борбениот дух, а не стравот

Многу се зборуваше за болести, малку за здравјето. Не научивме ни претходно ни сега како да го чуваме здравјето и како да го зајакнеме имунитетот, туку не обзема паника и страв, вели претседателот на Сојузот на спортови во Куманово и тренер по атлетика, Филип Колевски.

Тој потенцира дека во ова време кога повеќе седиме дома од особена важност за здравјето е да се јаде здрава храна, позитивно да се размислува и да се спортува.

„Спортистите не треба да ги отсликува стравот, туку борбениот дух. Многу се зборуваше за болести, малку за здравјето. Не научивме ни претходно ни сега како да го чуваме здравјето и како да го зајакнеме имунитетот, туку сите нѐ обзема паника и страв. Како општество треба уште да работиме на основните работи едукација, домашно воспитување и општа култура. И мило ми е што дојде време да се сфати сериозно она за што инсистирав на секој тренинг, секој да си носи свое шише вода. Хигиената е половина здравје“, објаснува тренерот.

Тој забележува дека состојба со коронавирусот целосно го блокираше спортскиот живот кај нас, но не и во другите држави каде што постои поголема традиција и култура за рекреативното и професионално спортување.

„Имаше многу позитивни мотивирачки примери од Европа, Балканските земји каде што индивидуалци и цели екипи тренираа, освен велосипедистите. Дури и во Италија имаше многу екипи коишто целиот период останаа во своите спортски комплекси, тренираа без никаков прекин. Имаше и повеќе Европски земји, што имаа само 2 недели прекин во тренажниот процес или никаков прекин. Не беше ни кај нас забрането, ама кај нас спортистите се повлекоа, а особено рекреативците. Тоа ни покажува дека бројот на рекреативци е поголем од бројот на активни спортисти во овој период. Периодов, возрасните повеќе вежбаа и спортуваа, од децата“, додава претседателот.

Колевски вели дека надлежните државни институции мора да направат сериозен план и стратегија, како понатаму ќе се развива спортот.

„Два месеци се долг период, погоден е врвниот спорт, но најмногу спортот со децата. Многу деца нема да се вратат на спортот веднаш, можеби после летото, ако сѐ биде во ред дотогаш. Не е само можноста да изгубиме дел од младите спортисти, не е само загуба на бројка, туку голема е веројатноста дека ќе има поголем број на повреди поради недоволната физичка подготовка за наредниот период“, посочува претседателот Колевски.

Тој очекува дека преку летото ќе има спортски натпревари, но не се знае со која динамика.

„Според најавите од федерациите, одредени натпревари летно време веројатно ќе имаме, но уште не е конкретно и конечно одлучено. Според програмите од одредени земји, имплементирањето оди најчесто со слични препораки и во ист редослед. Препораките се за почитување на хигиената, користење на соблекувалните, негрупирање за време на тренингот и слично. Инаку за активирање на спортските клубови прв чекор обично се дозволува тренирање во индивидуалните спортови, па во екипните со посебни препораки, па следат натпревари во индивидуалните, па во екипните“, објаснува Колевски.

Според него, летото е најидеално време за децата да се вратат на тренинг, затоа што пасивноста во ниту еден случај не е добра за децата.

„Тогаш е најидеално за тренинг, децата се најслободни, најквалитетно и посветено може да се тренира. Како тренер многупати сум слушнал директно од родители нешто во контекст „ќе одмори моево дете летоска, па лето е, нека одмори“. Дел од тие деца што ќе се вратат набргу се разочаруваат затоа што им е потешко, имаат голем пад во физичките способности, тоа доведува до губење на спортската амбицијата и спортскиот сон и потоа продолжуваат рекреативно  да се занимаваат со спортот или целосно се откажуваат. Пубертетските деца се многу осетливи во поглед на чувството на срам, самодоверба, страв“.

Тој на спортистите им препорачува да тренираат, да не дозволуваат напразно да им поминуваат деновите, бидејќи исто како и во животот и во спортот сѐ се враќа.

(Фросина Марковска)

Колевски: Спортистите ги отсликува борбениот дух, а не стравот

2008 - 2019 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk