Мени

Локалите ќе мора да отворат посебен влез за просторот во кој се пуши

20.03.2026 11:18 | KumanovoNews

Предлог Законот за заштита од пушење, кој во вторник ќе се најде на владина седница предвидува дозвола за пушење на тераси со најмалку две отворени страни или отворен покрив, и задолжително одвојување на пушачки и непушачки зони, како и нови инфраструктурни услови за угостителските објекти.

Локалите ќе мора да отворат посебен влез за просторот во кој се пуши

„Дојдовме до заклучок и од научната фела и од експертите во здравството дека со две отворени страни просторот, терасите, може да бидат места каде што може да се пуши. Само во Скопје има над седум илјади угостители што имаат тераси. Во Скопје голем број угостителски објекти се со таква инфраструктура што невозможно е да имаат три отворени страни. Затоа ставивме во законот да може и покривот да биде отворен бидејќи се докажа дека со третирање и на покривот како една од страните што може да биде отворена воздухот се чисти за неколку секунди. Еден од најголемите инфраструктурни зафати што треба да ги имаат сите угостители според законот е што ќе мора да направат влез во самиот угостителски објект кој е одвоен од просторот во кој се пуши. Идејата е да се заштитат граѓаните што не пушат, а да се одреди место каде што може да се пуши“, изјави на прес конференција министерот за здравство Азир Алиу.

Тој очекува законот да биде донесен од еден до еден и пол месец, нагласувајќи дека сите отворени прашања се затворени по консултации со експерти и засегнати страни.

Алиу вели дека целта е да се заштитат непушачите, со јасно дефинирани простори за пушење, и изрази надеж дека во наредните две до три години стапката на пушење ќе се намали од над 45 на под 20%.