250 клупи и 500 столчиња за учениците во „Браќа Миладиновци“
Учениците и професорите во основното училиште „Браќа Миладиновци“, новата учебна година ќе ја започнат со нов училишен мебел.

Централната европска банка преку Министерството за образование и наука, на училиштето му донираше 250 клупи и 500 столчиња.
„Оваа донација значи многу за нас, бидејќи последен пат сме добиле нов мебел пред 7-8 години кога беа донесени масите за компјутери, а имаме клупи и столчиња стари дури 40 години. Се надевам дека ваквите проекти ќе продолжат и во иднина, пред се поради подобрување на условите за работа на професорите и учениците, а во интерес на квалитетот на воспитно-образовниот процес, - изјави Марина Манојловска, директорка во „Браќа Миладиновци“.
Новиот мебел ќе биде распореден во училниците во Соколана, во посебните паралелки во објектот на улицата „Тане Георгиевски“ и во централното училиште.
Донацијата е дел од проектот за подобрување на условите за работа во основните и средни училишта во државата за кој Централната европска банка обезбеди 2 милиони евра, од кои 200.000 евра доби училиштето „Браќа Миладиновци“ за реконструкција на фасадата и дел од кровот, како и целосна замена на внатрешна и надворешна столарија во училиштето.