Мени

Емоционална писменост кај мажите го урива митот за силната половина

03.10.2026 10:25 | KumanovoNews

Дали некогаш сте се запрашале што се крие зад она длабоко, рамнодушно „добро сум“, кое го слушаме од мажите секогаш кога животот ќе им зададе удар?

Емоционална писменост кај мажите го урива митот за силната половина

Несомнено низ вековите, општеството му доделило на мажот улога на сигурна, цврста и непробојна карпа. Историјата го научила дека солзите се слабост, дека стравот е доказ за неспремност а дека барањето помош е пораз. Но, што се случува кога таа „карпа“ ќе почне да се рони одвнатре? Живееме во време кога технологијата ни овозможува да стигнеме до Марс, но сè уште се сопнуваме пред најосновната човечка задача, а тоа е да му дозволиме на еден маж слободно да покаже што чувствува.

Тивката епидемија на машката осаменост

Кога зборуваме за ментално здравје, ретко зборуваме за цената што мажите ја плаќаат поради емоционалната неписменост во која се воспитувани. Од мали нозе, за момчињата се употребуваат фрази како: „Не плачи, ти си машко“ или „Мажите не се жалат“. Со тоа, уште во детството им ја оневозможуваме способноста да го препознаат, именуваат и изразат сопствениот внатрешен свет.

Кој е резултатот? Резултатот е јасен. Тоа се оние возрасни мажи кои своето незадоволство, тага или анксиозност не знаејќи како да ги преточат во зборови, ги претвораат во гнев, работохолик, цинизам или во најлош случај длабока, тивка депресија која никој не ја забележува сè додека не стане предоцна. Статистиката за машката депресија и стапката на самоубиства е загрижувачка, а главниот виновник е токму оваа невидлива бариера на „машката исправеност“.

Храброста да се биде ранлив

Парадоксално, денес најголемата храброст што еден маж може да ја покаже не е да влезе во борба или да го сокрие своето страдање, туку да биде ранлив.

Емоционалната писменост не значи слабост; напротив, таа е врв наемоционалната зрелост. Замислете си ја силата што му е потребна на еден маж да ја симне оклопната тешка облека и да каже пред партнерот, детето или пријателот: „Исплашен сум“, „Не знам што да правам“ или „Потребна ми е прегратка“.

Кога мажот ќе си дозволи да плаче, тој не го губи својот машки идентитет. Туку тој ја враќа својата човечност. Тој му испраќа порака на своето опкружување дека автентичноста е поважна од перфекцијата.

Како да го промениме наративот?

Промената не започнува од законите или големите општествени платформи, туку од домот и семејството: 
Сменете го јазикот во воспитувањето: Дозволете им на машките деца да ги изразат своите емоции без осудување. Научете ги дека тагата и гневот се нормални човечки реакции, а не само „женски хормонски реакции“.

Слушајте без да поучувате. Понекогаш, на мажот кој се отвора не му треба совет или решение туку му треба само некој да го слушне без предрасуди и осудување.

Нормализирајте ја терапијата. Барање помош кај психолог не е знак дека си „луд“ или „болен” туку знак дека си грижлив кон сопствениот ум.

Исто како што се бара помош од кардиолог кога ве стега срцето или во градите.

За крај мажот како целина

Вистинската машкост не е беспрекорна, не е гласна и не се плаши од сопствената сенка. Таа е нежна и силна во исто време. Време е да им дозволиме на мажите да дишат со полни гради, без тежината на туѓите очекувања на нивните раменици.

Затоа што на крајот од денот, најсилниот маж е оној кој има храброст да биде искрен пред огледалото и пред светот.

Ако овој текст ви разбуди некоја мисла или емоција, споделете ја, можеби некому му е потребна токму оваа порака денес.

(Јелена Цветковска, м-р по психолошки науки и психолог советник)