Акција за собирање кабаст отпад во населбата Карпош
Од утре до недела во кумановската населба Карпош ќе се спроведе акција за собирање кабаст отпад.
Контејнерите ќе бидат поставени во близина на игралиштето на ФК „Карпош“, во кругот на поранешната касарна. Истовремено ќе биде организирана и акција за чистење на населбата.
„Ги повикуваме жителите да ја искористат можноста за бесплатно отстранување на кабастиот отпад од своите домови и дворови, наместо да го оставаат на јавни површини и со тоа да ја загадуваат животната средина. Корпите ќе бидат поставени утре во 12 часот и ќе останат на оваа локација до недела напладне. Истовремено, со наша поддршка ќе се реализира и акција за чистење на населбата и очекувам жителите масовно да се вклучат“, изјави директорот на ЈП „Чистота и зеленило“ Сашо Томиќ.
Тој додаде дека и во наредниот период ќе продолжат акциите за собирање кабаст отпад, бидејќи даваат резултати и придонесуваат за подигнување на јавната свест кај населението.
„Пред три недели ваква акција беше спроведена кај ОУ „Толи Зордумис“, кај ОУ „Христијан Карпош“ во населбата Иго Тричковиќ и на улицата „Тоде Думба“, кај Кошеви, при што беше собрана голема количина отпад“, додаде Томиќ.