×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Бесплатниот превоз се користи масовно, фали возен ред на постојките и повеќе автобуси во ударните термини

    01.02.2023 15:42 | Оливера Пешевска

    Еден месец откако започна да функционира бесплатниот градски превоз во Куманово, граѓаните главно се задоволни од неговата организација. Единствено се жалат дека се уште нема истакнато табли со возен ред на постојките, како и мал број на автобуси во ударните термини, поради што се создава метеж.

    Бесплатниот превоз се користи масовно, фали возен ред на постојките и повеќе автобуси во ударните термини

    При нашата денешна посета на автобуската постојка кај т.н. „Уред“, и сами се уверивме дека граѓаните масовно го користат бесплатниот превоз. Шеесетина граѓани и ученици стрпливо чекаа да пристигнат автобусите за Карпош, Перо Чичо, Тромеѓа и останатите населби и села.      

    „Јас сум презадоволна, секој ден патувам од селото Лопате до населбата Зелен рид, таму ги чувам внучињата. Порано многу пари ми одеа за превоз, сега е супер. Морам да нагласам дека многу е подобро организиран превозот од Лопате, цел ден има автобуси на половина час. Додека тројката е поретка, на саат време“, кажа една посериозна госпоѓа.

    Најголем проблем за патниците е што не можат да дојдат до информација за возниот ред. Особено во саботите и празниците кога, според нив, има редуцирани линии.

    „Не одам често и не знам кога има автобус. Нема табли, ни време на поаѓање ниту на доаѓање. Подготвена сум и да платам карта, само да не стојам и да чекам попусто“, реагира една од патничките.

    На овие забелешки превозниците велат дека до крајот на месецот ќе бидат поставени таблите со возен ред, а дека овој недостаток во моментот се покрива со информации кај возачите.

    „ По налог на општината во тек е изработка на табелите со сатници на линиите и шеми, кои покажуваат каде поминуваат линиите. Најдоцна до крајот на месецот ќе бидат поставени таблите на сите постројки. На сите возачи им се поделени визит картички со прегледни и едноставни возни редови и дополнително се дадени инструкции патниците за секоја информација да се упатуваат во Диспечерскиот центар на бројот 031/444-003“, вели Добрин Петрушевски, основач на Диспечерскиот центар за линиски превоз на патници.

    Во однос на редуцираниот превоз, тој тврди дека сите линии се во функција во работните денови и сабота, освен во неделите и државните празници, кои се неработни и за превозниците на линискиот превоз.

    Возачите на автобусите, пак,  кажуваат дека со воведувањето на бесплатниот превоз зголемен е бројот на патници - пензионери, кои секојдевно и во повеќе термини се возат во автобусите. Тоа создава дополнителен метеж, поради што вработените-граѓани се жалат дека понекогаш нема место во преполните автобуси, па повторно мора да користат такси услуги. Метеж создаваат и учениците, кои не го користат ученичкиот превоз, туку се качуваат во оној автобус кој прв ќе наиде.

    „Масовноста е голема, одѕив кај граѓаните има, свесни сме и за забелешките на корисниците на јавниот превоз. Што се однесува на гужвите се прави статистика каде и кога се најголемите оптоварувања. Во најскоро време на тие линии ќе бидат пуштени дополнителни возила, за да се намали притисокот“, потенцира Петрушевски.

    Од почетокот на годината во Куманово е воведен бесплатен автобуски превоз, за кој општината издвои 500 илјади евра за првите шест месеци. Доколку овој пилот-проект даде резултати ќе продолжи до крајот на годината. Според предлагачите целта е да се помогне на граѓаните во време на економска криза, да се намали аеро- загадувањето и да се тргнат од улица нелегалните такси превозници.