Без проблеми се спроведува пробниот попис во Куманово
Нема проблеми при спроведување на пробниот попис во Куманово. Од Државниот завод за статистика, регионално одделение Куманово, информираат дека се се одвива според утврдената динамика и пописот ќе биде завршен во предвиениот рок.

„До сега пописот се одвива без проблеми. Домаќинствата прифаќаат да бидат попишани и соработуваат. Нашата цел е да ја тестираме апликацијата, техничката страна на програмата дали функционира, и доколку има недостаоци да се отстранат до редовниот попис. Овие податоци нема да бидат објавени, - изјави Даниела Петровска од Регионалното одделение за статисктика во Куманово.
Пробниот попис во Куманово се врши во два пописни круга, а на терен се два тима.
„Со пописот во Куманово се опфатени околу 200 домаќинства, по 100 во секој круг. Опфатени се реоните спроти Општината Куманово и реонот над Соколана, улиците Бајрам Шабани, Симо Погачаревиќ, дел од Народна револуција до Пчински пат. Попишувачите ги посетуваат домаќинствата, попишувањето се врши со лап-топ, електронски без пишани обрасци, - додава Петровска.
Пробниот попис во Македонија започна на 16 јуни и ќе трае до 30 јуни, во 13 општини во земјава, односно во 32 пописни круга, а се спроведува попис на населението, домаќинствата и становите.
Редовниот попис треба да се одржи во периодот од 1 до 21 април 2020 година.