Мени

Државава ја губи плодната почва: крајно време е за системска заштита

07.10.2026 07:41 | KumanovoNews

Додека јавноста секојдневно зборува за загадениот воздух и водата, еден подеднакво сериозен природен ресурс тивко се губи – почвата.

Државава ја губи плодната почва: крајно време е за системска заштита

Во Северна Македонија, дури 33,7% од почвата е зафатена со неприфатливи процеси на ерозија, а 28% е ранлива на опустинување. Тоа значи дека деградацијата на почвата веќе не е далечна еколошка закана, туку процес кој директно влијае врз земјоделството, безбедноста на храната, водните ресурси и економскиот развој.

Овој проблем не е специфичен само за државава. Во Европската Унија се проценува дека 60 до 70% од почвите не се во добра состојба, поради што нивната заштита и обновување станаа една од клучните политики на Зелената агенда. Разликата е што европските држави веќе воспоставуваат системи за мониторинг и управување, додека Северна Македонија сè уште нема целосна законска и институционална рамка за справување со деградацијата на почвата.

Деградацијата е повеќе од ерозија

Деградацијата претставува нарушување на здравствениот статус на почвата, при што постепено се намалува нејзината способност да обезбедува природни добра и екосистемски услуги. Тоа е сложен процес кој истовремено може да вклучува закиселување, исушување, салинизација, губење на органската материја и хранливите материи, физичка деградација, загадување, запечатување на плодното земјиште, ерозија и седиментација.

Според Европската агенција за животна средина, трите најголеми закани за почвата се ерозијата, загадувањето и запечатувањето. Токму овие процеси најбрзо ја намалуваат природната и економската вредност на земјиштето, а во сувите и полусувите подрачја нивниот краен исход е опустинувањето – постепено губење на способноста земјиштето да поддржува живот и производство.

Причините се речиси секогаш поврзани со човековите активности. Урбанизацијата и ширењето на градовите доведуваат до трајно запечатување на плодното земјиште, додека интензивното земјоделство, шумарството, рударството, индустријата, транспортот, туризмот, климатските промени и недостигот од вода создаваат постојан притисок врз почвените ресурси. Во поширокиот европски контекст постои и јасна географска разлика: во Западна и Северна Европа доминира хемиското загадување, а во Јужна и Југоисточна Европа ерозијата останува главниот процес на деградација.

Зошто Северна Македонија е особено ранлива?

Северна Македонија припаѓа на јужноевропскиот појас, каде ерозијата е доминантниот процес на деградација на почвата. Релјефот, честите сушни периоди и сè поизразените последици од климатските промени ја зголемуваат ранливоста на земјиштето, додека интензивната урбанизација дополнително го намалува фондот на продуктивни почви.

Особено загрижува фактот што најголемата пренамена на продуктивно во непродуктивно земјиште се случува токму во околината на Скопје и Тетово – подрачја каде најсилно се судираат урбаниот развој и потребата од зачувување на земјоделските површини. Тоа покажува дека деградацијата не е само последица на природните процеси, туку и на начинот на кој се планира и користи просторот.

Деградираната почва не значи само помали земјоделски приноси. Таа ја намалува способноста да ја филтрира и складира водата, го нарушува биодиверзитетот, го влошува здравјето и продуктивноста на шумите и придонесува за механичко и хемиско загадување на реките и езерата. Истовремено, губењето на органската материја ја намалува нејзината способност да складира јаглерод, со што овој процес станува и сериозен климатски предизвик. Затоа заштитата на почвата денес не се разгледува изолирано, туку како составен дел од политиките за климатска отпорност, безбедност на храната и одржливо управување со природните ресурси..

Светските политики ја менуваат перспективата

Во последната деценија почвата стана глобален политички приоритет. Темел на овој пристап е Конвенцијата на Обединетите Нации за борба против опустинувањето (UNCCD), која преку Стратешката рамка 2018–2030 ги повикува државите да ја запрат, намалат и обноват деградацијата на земјиштето. Нејзината централна идеја е концептот Land Degradation Neutrality (LDN) – неутралност на деградацијата на земјиштето, кој воспоставува рамнотежа меѓу користењето и обновувањето на почвените ресурси. Наместо само санација на штетите, LDN бара истовремено да се избегне нова деградација, да се намали постојната и да се обноват веќе деградираните површини.

Истата определба е вградена и во Целта 15.3 од Целите за одржлив развој на Обединетите нации, која бара до 2030 година државите да се борат против опустинувањето, да го обновуваат деградираното земјиште и да тежнеат кон свет без нето-загуба на продуктивна почва. На тој начин почвата првпат е препознаена како стратешки ресурс еднаков по важност со водата, шумите и климатската стабилност.

Клучна улога има и Global Soil Partnership на ФАО – глобална платформа основана во 2012 година, која ги поврзува владите, научните институции, граѓанскиот сектор и приватниот сектор, за подобро управување со ограничените почвени ресурси. Нејзината Акциска рамка 2022–2030 поставува амбициозна цел: подобрување и одржување на здравјето на најмалку половина од светските почви до 2030 година, преку зајакнување на почвеното управување, мониторингот, образованието и меѓународната соработка.

ЕУ има систем, Северна Македонија сè уште гради политика

Она што најмногу ја разликува Европската Унија од Северна Македонија не е препознавањето на проблемот, туку институционалниот одговор. 

Со Стратегијата за почви до 2030 година, Европската Унија постави визија сите почви да бидат здрави до 2050 година. Нејзино законско продолжение е Законот за мониторинг и отпорност на почвите (EU Law on Soil Monitoring and Resilience), кој воведува систематска проценка на здравјето на почвата, идентификација на загадени локации, следење на ерозијата, губењето на органскиот јаглерод, салинизацијата, запечатувањето и биодиверзитетот на почвата, како и обврска државите редовно да известуваат според
заеднички европски стандарди.

Овој систем не функционира изолирано. Европскиот центар за податоци за почвата (ESDAC) обезбедува единствена база на почвени податоци за Европа, Европската почвена опсерваторија (EUSO) ги следи состојбите и ризиците поврзани со здравјето на почвата, а Заедничкиот истражувачки центар (JRC) развива научни индикатори, методологии и карти што служат како основа за креирање политики. Истовремено, програмите LIFE, Horizon Europe и Interreg финансираат истражувања, иновации и практични проекти за заштита и обновување на почвените ресурси низ цела Европа.

Во Северна Македонија состојбата е суштински различна. Иако постојат политики поврзани со земјоделството и животната средина, сè уште нема национална стратегија за почвата, нема посебен закон што сеопфатно ќе го регулира нејзиното управување, а систематскиот мониторинг и институционалните капацитети остануваат ограничени. Тоа значи дека државата нема единствен механизам за следење на деградацијата, идентификација на контаминираните подрачја и координирано управување со почвените ресурси.

Системски одговор наместо спорадични мерки

Заштитата на почвата од деградација и одржливото управување со неа не можат да се постигнат со изолирани спорадични мерки. Станува збор за сложен процес кој бара јасна правна рамка, функционални институции, континуиран мониторинг и координација меѓу сите сектори што вршат притисок врз почвените ресурси.

Првиот чекор е воспоставување современа законска рамка преку донесување закон за заштита на почвата, кој ќе ги утврди обврските на институциите, правните и физичките лица за нејзина заштита и одржливо управување. Законот треба да биде усогласен со европската регулатива, особено со европскиот закон за мониторинг на почвите, и да создаде основа за единствен систем на управување. Паралелно, потребно е донесување национална стратегија за заштита на почвата, која ќе ги дефинира долгорочните цели и ќе ги усогласи националните политики со целите на Европската Унија и меѓународните конвенции кон кои пристапила државата.

Подеднакво важно е заштитата на почвата да стане хоризонтална политика. Тоа подразбира нејзино интегрирање во плановите за земјоделство, просторно планирање, инфраструктура, шумарство, рударство и климатски промени, како и воспоставување институционална инфраструктура со јасно дефинирани надлежности и зајакнати технички и стручни капацитети на сите нивоа.

Бидејќи причините за деградацијата произлегуваат од повеќе сектори, ефикасното поврзување на институциите е предуслов за успешна реализација. Потребни се трајни меѓуинституционални механизми кои ќе овозможат споделување на одговорностите, координација во спроведувањето на законодавството и усогласување со европските регулативи.

Во сржта на овој систем треба да биде континуиран и сеопфатен мониторинг на почвите. Неопходно е да се воспостави систем за мониторинг, известување и верификација со јасно дефинирана методологија, индикатори и динамика на собирање податоци. Резултатите од анализите треба редовно да се презентираат и да бидат јавно достапни, со што мониторингот ќе стане алатка, и за креирање политики и за информирање на јавноста.

Истовремено, треба прецизно да се утврдат улогите на сите институции и ентитети вклучени во системот, за податоците да се разменуваат во стандардизиран формат и според однапред утврдена динамика меѓу обезбедувачите и корисниците на информации.

Конечно, Северна Македонија не треба да го гради овој систем изолирано. Вмрежувањето со соседните држави и учеството во регионални и европски иницијативи е од суштинско значење за размена на податоци, методологии, научни сознанија и добри практики.

 

Институтот за добро владеење и политики во животната средина и климатските промени – Скопје (ИПЕК), преку договор со Програмата за животна средина на УНЕП и Глобалниот еколошки фонд (ГЕФ), му обезбедува поддршка на Министерството за животна средина и просторно планирање во процесот на подготовка и усвојување на националниот закон за заштита на почвите. Активностите се спроведуваат во рамки на проектот „Промовирање одржливо управување со земјиштето (SLM) преку зајакнување на правната и институционалната рамка, градење капацитети и обновување на најранливите планински предели“.

Автор: Институт за добро владеење и политики во животната средина и климатските промени – Скопје (ИПЕК)

(Фото: Кумановоњуз)