Ќе истраеме ли?- тема на три документарни етнолошки филмови прикажани пред кумановци
Bо Занаетчискиот дом во Куманово, синоќа беа прикажани три документарни филмови: „Патот на надежта“ и „Свадбата во Кокино“ од Анита Ѓорѓиевска и „Двојните цркви во Кумановско од поствизантискиот период 16 и 17 век“ од Валентина Андреиќ.

Филмот „Патот на надежта“ е снимен во 2010 година, а во него станува збор за мажи од село, кои поради иселувањето остануваат неженети. Сцената со црната пеперутка во природата и песната во позадината со зборовите ...„црни горо, црни сестро, двете да црниме...“, а потоа и воведувањето на црното куче во приказната покрај мажот (бидејќи нема жена) на алузивен и едноставно моќен начин ја навестува маката на осамените луѓе во село Длабочица.
„Без жена за мене значи како небото без сонце или како земјата без месечина“, - вели еден од „актерите“ во филмот.
Филмот „Свадбата во Кокино“ е снимен 2007 година, во соработка со КУЦ „Панче Пешев“. Во овој филм се обработени обичаите во Кокино од 30. години на 20 век, кои во поголем дел се застапени и денес, освен облекувањето во носии. Но и овој филм , го отвора прашањето: уште колку време ќе опстанат обичаите?
„Нашата цел на етнолозите е да истражуваме, да публикуваме и филмуваме се` што ќе забележиме во денот. Документарниот-етнолошки филм претставува едно медиумско средство кое на еден сеопфатен начин ја обединува материјалната и духовната култура“,-вели советник етнологот м-р Анита Ѓорѓиевска.
Документарниот филм „Двојните цркви во Кумановско од поствизантискиот период 16 и 17 век“ е снимен 2018 година, а во него станува збор за пет цркви од околината на Куманово: црквата „Свети Спас“ во Довезенце, „Света Петка“ во Малдо Нагоричино, „Света Параскева“ во Мургаш, двојна црква во Сурв Орах (Св. Никола и св. Ѓорѓи) и „Света Петка“ во Параскева.
„Од 40-тина цркви во кумановско, ние издвоивме пет кои се највпечатливи. Она што ги карактеризира овие цркви е нивната поделеност на два надолжни дела, поседуваат два иконостаси, освен црквата Св.Петка во Младо Нагоричано. А најважна е црквата во Сув Орах, бидејќи е направена како две цркви под еден покрив“,- вели Валентина Андреиќ, виш кустос историчар на уметноста.
Овој документарец раскажува за цркви кои биле градени мали (освен црквата во Довезенце), бидејќи Турците на тој начин го придобивале христијнскиот народ, но не му дозволувале да гради големи црковни зданија. Карактеристичен е примерот со црквата „Света Петка“, каде самиот Турчин изградил црква, бидејќи неговото дете прогледало од лековитата вода, која била на тоа место. Иако биле помали, сепак фрескоживописот и иконописот на овие цркви е уникатен, а ваков вид на цркви, освен во кумановско, не се застапени во регионот.
Филмовите се прикажувани и наградувани во нашата држава, како и надвор од неа.