ПК „Немо“ Куманово со медали и лични рекорди на два силни меѓународни натпревари
Пливачите од Пливачкиот клуб „Немо“ Куманово продолжуваат со одлични настапи, освојувајќи медали и бележејќи значајни подобрувања на личните резултати на два силни меѓународни натпревари во Скопје.
На првиот настап, „Нептун Куп 2026“, одржан во Спортскиот центар „Борис Трајковски“, клубот настапи со една натпреварувачка, но успеа да стигне до медал. Миа Додевска во дисциплината 50 метри градно го освои третото место со време од 43.41 секунди, во конкуренција од над 500 пливачи.
Уште поуспешен беше вториот настап на „Делфин Куп 2026“, каде конкуренцијата беше уште посилна, со учесници од целиот Балкан. ПК „Немо“ настапи со две пливачки каде што повторно Миа Додевска освои второ место на 200 метри градно со време 3:45.14, што е највисок пласман за клубот на овој митинг. Таа освои и трето место на 50 метри градно со време 42.77 секунди, подобрувајќи го својот резултат од претходниот натпревар, како и четврто место на 100 метри градно со време 1:40.46.
Добар настап имаше и Каја Милевска, која во дисциплината 50 метри градно го освои осмото место со време 49.28 секунди, при што го подобри својот личен рекорд за дури седум секунди.

Од клубот истакнуваат дека континуираниот напредок на пливачите е резултат на посветената работа на тренинзите, а постигнатите резултати претставуваат дополнителен мотив за уште подобри настапи во иднина.
Следен предизвик за пливачите на ПК „Немо“ ќе биде меѓународниот митинг „Куп на Ниш 2026“, кој ќе се одржи на 4 април, каде кумановските пливачи ќе имаат нова можност за добри резултати и нови лични рекорди.