Мени

Да престане насилството врз здравствените работници

13.03.2026 12:00 | KumanovoNews

Да престане насилството врз здравствените работници побараа од пациентите и нивните семејства, Министерството за здравство и Лекарската комора, по повод одбележувањето на Европскиот ден за подигнување на свесноста против насилството врз здравствените работници.

Да престане насилството врз здравствените работници

Податоците покажуваат дека над 70% од докторите во земјата се соочиле со насилство на работното место, додека анкетите на Комората откриваат дека дури 78% од нив биле изложени на некаков вид насилство, од кои 80% на вербално, а 6,8% на физичко насилство.

„За здравствениот систем клучно е вработените да се чувствуваат безбедно на своето работно место за да можат да обезбедат соодветна здравствена заштита и нега за пациентите. Во изминатиот период Лекарската комора спроведе повеќе истражувања на оваа тема, а податоците покажуваат дека дел од докторите пријавиле дека биле изложени на некаков вид насилство на работното место, при што најчесто станува збор за вербално насилство. За нас како Министерство е важно што успешно се имплементираат измените на Кривичниот законик, со кои насилството врз здравствен работник при вршење на професионалните задачи се смета за напад врз службено лице и претставува кривично дело за кое е предвидена затворска казна“, потенцираше министерот Азир Алиу.

Тој истакна дека посебно значајна е улогата на Лекарската комора, која активно го следи постапувањето на надлежните институции и предлага мерки и политики за сузбивање на насилството во здравството. Воедно потсети дека секое насилство врз здравствен работник треба веднаш да се пријави, бидејќи станува збор за кривично дело.